Во пресрет на еден мошне значаен и долгоочекуван настан во поновата македонска историја – потпишувањето на документот за пристапување на нашата земја во членство на НАТО, на 6 февруари 2019 година, во Брисел, „Нова Македонија“ во две продолженија го објавува освртот на нашиот редовен надворешен соработник, Драган Јањатов, поранешен македонски дипломат и публицист

Во првите години по завршувањето на Втората светска војна, додека светот сѐ уште се обидуваше да ги залечи воените рани и колку што беше можно да ги заборави сите преживеани трауми од четиригодишната војна, која стигна да ги зафати сите континенти на Земјината топка и да уништи над 50 милиони човечки животи, човештвото за краток период се најде соочено со една нова опасност – идеолошко-политичката конфронтација и поделба на светот на интересни сфери и влијание, на комунистичкиот Исток и на капиталистичкиот Запад. Како резултат на оваа новонастаната политичка и воено флуидна ситуација, која со сета неизвесност, но и со несомнено голема потенцијална опасност сериозно му се закануваше на сѐ уште кревкиот светски мир, во Вашингтон, на 4 април 1949 година, 12 западноевропски земји: Велика Британија, Франција, Италија, Исланд, Португалија, Белгија, Данска, Холандија, Луксембург и Норвешка, предводени од САД и од Канада на северноамериканскиот континент, потпишаа меѓусебен договор за основање Организација на Северноатлантскиот договор (North Atlantic Treaty Organisation, NATO).

Според одредбите на тој договор, целта на формирањето на новата воено-политичка алијанса беше и остана постигнувањето колективна безбедност на сите земји-членки на организацијата во северноатлантскиот регион, во кој било дел на Европа или Северна Америка и примена на сила секаде каде што се простира јурисдикцијата на НАТО, вклучувајќи ги и сите острови и пловечки или летачки објекти во неа. Со одредбите на договорот уште беше предвидено дека соодветни операции од страна на Алијансата можат да се преземаат и надвор од овие зони, во други региони на светот, во случај на потреба да се спречат евентуални воени конфликти, или заради зацврстување и поддршка на светските мир и безбедноста. Сепак, основна задача на НАТО беше и останува, со заеднички сили да се поддржуваат одбранбените способности на сите земји-членки, да ја гарантира нивната безбедност и да ги штити нивниот суверенитет и територијалниот интегритет. Суштината на Северноатлантскиот договор се состои и во тоа што во случај на евентуален воен напад на една или на повеќе држави-потписнички на договорот, тоа ќе се смета како напад врз сите земји-членки на НАТО. Важноста на договорот за членство во НАТО се однесува на кој било дел од Европа или Северна Америка, но операции на НАТО надвор од овие зони можат да се преземаат и во случај на потреба за спречување евентуални воени конфликти или зацврстување и поддршка на мирот во светот воопшто. Конструктивната улога на НАТО во креирањето на мирот и безбедноста во глобални рамки, се огледа и во можноста тоа да го остварува и по пат на дијалог, партнерство и соработка, во духот на „новиот мирољубив поредок“, кој се базира врз обврската дека стабилноста и безбедноста во Европа и во евроатлантската зона, ќе се обезбедуваат со единствени механизми и врз основа на обединување и зацврстување на постојните заеднички институции. Стратегиската цел на Алијансата во целокупната скоро 70-годишна историја на нејзиното постоење и развој, претставува нејзиното проширување, односно приемот на нови земји-членки во организацијата, според строго утврдените норми, принципи и услови. Овој чин отсекогаш претставувал одреден репер и политички барометар на геостратегиските поместувања во меѓународните односи во Европа, но и во светот. Така, во периодот од 1949 година до почетокот на 1980 година кон НАТО се присоединиле само четири земји, Грција и Турција во 1952, Германија во 1955 и Шпанија во 1982 година. Во меѓувреме, во 1958 година, на општо изненадување, тогашниот претседател на Франција, Шарл де Гол објави повлекување на Франција од членството во НАТО, што конкретно беше реализирано во 1966 година.

Во 1991 година, како реакција на постојната воено-политичка ситуација по падот на комунизмот во Европа, земјите-членки на НАТО, заедно со некогашните бивши земји-членки на веќе расформираниот Варшавски договор, ја создадоа институцијата Совет на Северноатлантската соработка (ЦЦАЦ-НАЦЦ). Оваа иницијатива беше продолжена во 1994 година со создавањето на системот Партнерство за мир (ПИП), по што земјите-членки на ЦЦАЦ и ОБСЕ беа поканети да учествуваат во дијалогот за зацврстување на довербата, имајќи го предвид воведувањето одредена транспарентност во националните планови за воените расходи; демократска контрола над вооружените сили; поддршка на военоспособноста и готовност за учество во операциите спроведувани под закрилата на ООН или ОБСЕ; развој на воената соработка со НАТО; усовршување на сопствените оружени сили, кои би можеле подобро да се вклучат во заедничките акции со армиите на другите земји-членки на НАТО. Преку системот Партнерство за мир, набргу поминаа голем број земји, меѓу кои и Република Македонија, кои подоцна станаа или се очекува да станат редовни членки на Алијансата. Во 1997 година Советот за Евроатлантска соработка (ЕАЦЦ), кој има разгранета структура за исполнување на целите и задачите на Партнерство за мир, ја зеде врз себе улогата за подготовка за пристап кон следната фаза на политичко партнерство и практична соработка на земјите-кандидати за членки на НАТО, со сета почит кон придонесот и на другите организации во реализацијата на тој процес, како што се ОБСЕ, Европската Унија, Советот на Европа и други. Сите тие заедно ја создаваа структурата за завршување на консултациите меѓу членките, а исто така и за решавање на надворешните прашања што се однесуваат на политиката и безбедноста.

Партнерство за мир е конкретизирана форма, јасно определувачки елемент внатре во тие флексибилни рамки за зголемување на политичкото значање на консултациите и соработката, кои се добиваат во ЦЕАЦ. Тоa им овозможува на партнерите, ако тие тоа го сакаат, да развиваат директни политички односи, индивидуално или во групи, со Алијансата. Специфичноста на работата на Советот се огледа и во тоа што тој ја предлага можноста за политички консултации и практична соработка, еднакво достапни за сите партнери и сојузници. Партнерите можат и самите да го определат нивото и да ги одредат насоките на својата соработка со НАТО во врска со прашањата на политиката, безбедноста; справување со кризни ситуации, решавањето регионални проблеми, ограничување на проширувањето на нуклеарното, биолошкото, хемиското и другите видови наоружување, како и проблемите во одбраната, борбата со меѓународниот тероризам и друго. Овде можат да се вклучат и одбранбените планови, буџетот и одбранбената политика и стратегија, а исто така и влијанието на безбедноста врз економскиот развој. Освен ова, ЦЕАЦ е место за консултации и соработка и за такви прашања какви што се: граѓанските безредија и непослушност, надминување на природни катастрофи, нуклеарната безбедност, одбраната и проблемите со вооруженото опкружување, воено-граѓанската координација, управувањето и контролата на воздушниот сообраќај, едукацијата и операциите за одржување на мирот и други безбедносни прашања.

(Продолжува)