Во јануари премиерлигашите потрошиле 180 милиони фунти за трансфери (во јануари 2018-та, 430), меѓу кои најскап е Кристијан Пулишиќ, за кого Челси на Борусија Дортмунд ѝ плати 58 милиони фунти
Зимскиот јануарски фудбалски преоден рок во најсилните лиги во Европа, пред сите во најбогатата, англиската Премиер-лига, не донесе некои поголеми бомбастични и скапи трансфери, како на пример ланските на Вирџил ван Дајк или на Емерик Лапорт.
Потрошените пари за трансфери во Премиер-лигата во јануари се намалиле првпат по 2012 година, објави „Би-би-си“. Вкупно биле потрошени „само“ 180 милиони фунти (во јануари 2018-та, 430), но, и покрај тоа, премиерлигашите потрошиле најмногу пари во споредба со сите други лиги во Европа, надминувајќи ја многу италијанската Серија А, каде што клубовите зимава за играчи издвоиле околу 40 милиони фунти.
Кога сме кај Премиер-лигата, најскап трансфер, и тоа на почетокот од јануари, направи Челси, за американскиот интернационалец Кристијан Пулишиќ, за кого на Борусија Дортмунд ѝ плати 58 милиони фунти (една третина од вкупно потрошените пари!), но ќе го има на располагање дури д јули годинава. На последниот ден од преодниот рок, Њукасл го направи рекордниот клупски трансфер, купувајќи го Парагваецот Мигел Алмирон од Атланта јунајтед за 20 милиони фунти. Близу 20 милиони фунти (19) изнесуваше трансферот на Доминик Соланки од Ливерпул во Борнмут, додека преостанатите се движеа од четири до 15 милиони фунти, доста скромно за богатите англиски клубови. Имаше и неколку звучни трансфери, но станува збор за заеми меѓу клубови врз база на разни основи, каде што парите не се споменуваат.
Според спортс бизнис-групата „Делоит“, намалената потрошувачка на трансфер-пазарот во Англија се должи на намалената активност на клубовите од т.н. голема шесторка, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Челси, Арсенал, Тотенхем и Ливерпул. Потоа станува збор за недостиг од вредносни пазарни критериуми, како и за силна финансиска позиција на клубовите во Премиер-лигата и за нивна намалена потреба да ги продаваат најдобрите играчи за да си обезбедат финансиска стабилност. И на крајот од процените на „Делоит“ се посочуваат големите пари (околу 6,5 милијарди фунти) од ТВ-правата за пренос на мечевите од Премиер-лигата во циклусот 2019-2022 година. Иако тој договор вреди нешто помалку од претходниот тригодишен, од 2016 до 2019-та, сепак им носи многу пари на клубовите, поради што тие не се принудени да трошат многу на трансфер-пазарот.
Но севкупно, иако јануари беше мирен месец, треба да се спомене дека заедно со летниот преоден рок во август 2018-та, премиерлигашките клубови потрошиле вкупно 1,4 милијарда фунти, што е втора рекордна сума по онаа во 2017/2018, кога севкупно за трансфери биле дадени 1,9 милијарда фунти.
Имајќи предвид дека најбогатите и најсилни клубови беа неактивни зимава, предвидувањата и очекувањата се дека тоа ќе го надоместат летово. Ланилето само премиерлигашите за трансфери потрошија 1,24 милијарда фунти, сума што годинава најверојатно ќе биде надмината.