Поднесена кривична пријава против Александар Русјаков заради ширење смисла за хумор, цинизам и духовитост меѓу мнозинството евроатлантски настроени граѓани со духовна дијагноза „тумор на хумор“
Издвојуваме неколку прекрасни наслови од радосниот и удобен живот на граѓаните на јужната колонија Северна Македонија.
ПОЛИТИКА: Премиерот Зоќи Заев изјави дека ќе биде првиот што ќе извади двојазичен пасош на Северна Македонија како претставник на третиот пол, со цел патување со квантен скок во четврта димензија на петте страни од светот.
ЕУ за ТЕБЕ: Европската Унија најави дека ќе инвестира 250.000 килограми токсичен отпад дневно во Северна Македонија
ЖИВОТ: Бруто-домашниот апсурд расте незапирливо.
ИЗБОРИ: Останаа само уште неколку северномакедонски граѓани што сè уште не ја најавиле својата кандидатура за претседателските избори. ДИК објави дека има уште десет дена до истекот на рокот.
РЕФОРМИ: Заради европски баланс, пензиите во Северна Македонија се намалија, за да се израмнат со оние во Шведска и во Норвешка.
НЕВРАБОТЕНОСТ: „Евростат“ ги објави најновите резултати за невработеност во регионот. Северна Македонија има најниска стапка невработени стрини, баџанаци, тетки, синови, швалерки, братучеди, ќерки, чичковци и снаи на функционери од власта.
АРМИЈА: Војниците добија нови чизми, кои сами маршираат накај НАТО.
НАУКА: „Институтот за проверка на глави“, по неколкумесечно детално истражување на шарените револуционери, ги изнесе следните научни факти: „Во главите на шарените сè уште нема никакви траги од промена на името за севкупна употреба, укинување на македонскиот идентитет и јазик, воведување двојазичност на целата територија, при што заклучивме дека нивните глави се совршено празни, комотни и подготвени за вселување мигранти од Африка“.
ЦРНА ХРОНИКА: Градоначалникот на Скопје поднесе кривична пријава за злосторничко здружување меѓу јануари и снегот.
ЕКОЛОГИЈА: Градските татковци ги воведоа дождот и ветрот како нови мерки против загадувањето. Сега воздухот е чист како собраниска процедура.
СУД: Уставниот суд се прогласи ненадлежен за воведување двојазичност во Уставот. Оспорувачите на законот ги упати на Филолошкиот факултет, со образложение дека таму се проучуваат јазици.
АНКЕТА: На прашањето, „Што очекувате од новите економски мерки на Владата?“, 54 отсто од граѓаните очекуваат да тече мед и млеко, а 46 отсто очекуваат да тече мед и лубриканти.
СКАНДАЛОЗНО: Јавното обвинителство открива нови докази против оперскиот пејач Игор Дурловски. Обвинителството во стихот „Не плачи Македонијо, мајко мила“ откри „говор на омраза, мизогинија и тероризам“ спрема немажените жени без деца, кои имаат апсолутно демократско право да се чувствуваат како татковци на неродени ќерки, кои можеби ќе се идентификуваат како синови од женски пол. Освен тоа, во стихот „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“, кај Дурловски е откриен иредентизам и територијални претензии спрема бугарскиот град Сандански.
РОДОВА ЕДНАКВОСТ: Министерството за труд и социјала започна со проектот „Тендер за џендер“.
СЕНЗАЦИОНАЛНО: Владата го најави новиот економски бум. По влегувањето на Северна Македонија во НАСА, гигантот „Ентерпрајс“ на светскиот билионер Жан Лук Пикард влегува со инвестиција од триста милиони светлосни години. „Со ова, вашата мала но силна земја ќе се приклучи на патот на економските ѕвездени патеки“, изјави на прес-конференција портпаролот на „Ентерпрајс“, Спок.
ЗДРАВСТВО: Комисијата за проверка на квалитетот на вакцините при Министерството за здравство заклучи дека вакцините со во ред, а некои граѓани се со истечен рок.
НЕВЕРОЈАТНО: Владејачката коалиција во Собранието побара покачување на платите на опозиционерите. На ова реплицира координаторот на опозициската пратеничка група. „Ќе прифатиме покачување само ако трикратно се покачат патните трошоци на колегите од мнозинството“, рече тој.
МОДА: Познатата северномакедонска модна креаторка Бети Барок ја презентира својата нова линија наречена „Шарена револуција“. Модните експерти сметаат дека оваа линија ќе му нанесе голема штета на познатиот конкурентски бренд „Банана рипаблик“.
МВР: Поднесена кривична пријава за фирмата што на местото машински инженер вработи машински инженер.
СТИЛ: Познатиот телевизиски магнат и џетсетер Боки 13 започна со нов холивудски „лајфстајл“, познат како Боки и Клајд.
ОБРАЗОВАНИЕ: „Комисијата за ревизија на лектирите“ ги достави до надлежното министерство следните измени: се укинува лектирата „Волшебното самарче“ заради говор на омраза спрема фашизмот, „Белото Циганче“ се преименува во „Ромчето што има право да одбере каква боја сака да биде“, се укинува стихозбирката „Црни и жолти“ заради расистичка содржина, строго се забранува „Љуман арамијата“ заради јасно изразена албанофобија, во насловот „Македонска крвава свадба“, придавката „македонска“ не се користи за означување етничка припадност, туку само државјанство, се повлекува „Парите се отепувачка“ заради непристојни коментари спрема нашите меѓународни пријатели од Волстрит, ММФ и Светска банка.
МУЗИКА: Познатото женско трио СЈО го исфрли својот нов хит, песната „Империја“. Промоцијата ќе се одржи во просториите на хотелот „Мериот“.
НАГРАДИ: Најпознатиот северномакедонски вратар Крсто Амнестија ја доби престижната награда „Сезаме отвори се“, која ја доделува Европската Унија, за својот проект „Клати собраниска врата, земај тендер, земај плата“.
СТРАЗБУР: Весникот „Нова Македонија“ го загуби спорот со Република Грција. Од утре името на брендот мора да биде „Нова Северна Македонија“. По повод оваа победа на демократските вредности, премиерот Заев изјави: „Конечно, Нивици му рече фак оф на Горно Врановци, со што е урната уште една пречка на патот кон ЕУ и НАТО“.
ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ: Поднесена кривична пријава против Александар Русјаков заради ширење смисла за хумор, цинизам и духовитост меѓу мнозинството евроатлантски настроени граѓани со духовна дијагноза „тумор на хумор“.