Грчката полиција искористи солзавец за да ги растури групите на демонстранти кои се собраа пред парламентот во Грција да протестираат против ратификацијата на Договорот од Преспа, пренесува „Ројтерс“.
Неколку илјади луѓе во Атина повторно се собраа на протест, а ситуацијата ескалираше во 21.30 часот, кога демонстрантите тргнаa кон зградата на парламентот со запалени факели, поради што полицијата мораше да искористи солзавец за да ги разбие групите.
Грчките медиуми објавија и кратко видео на кое може да се забележи како демонстрантите го палат македонското знаме.
Тридневната дебата во грчкиот парламент завршува вечерва, а претходно е објавено дека поради долгата листа на пријавени пратеници за збор, гласањето за ратификација ќе се одржи утре во 14.30 часот по локално време.