Театарската јавност во Словенија, но и пошироко во регионов, деновиве е свртена кон Словенечкиот театар од Целје, кој од репертоарот само по неколку изведби ја симна претставата „Професионалци“ на режисерот Борис Кобал, а режисерот го пријавил за плагијат. Имено, како што тврдат надлежните од театарот, се покажало дека текстот што Кобал им го предал за 13.000 евра претставува буквален превод на една италијанска комедија, односно плагијат, иако на конкурсот за најдобар комедиографски текст било барано изворно дело.
Борис Кобал е реномиран глумец, режисер, но и автор на повеќе книжевни дела за кои досега добил и повеќе награди, но и многу познат хуморист, автор на хумористични емисии на радио и на телевизија, а, како што напоменува хрватски „Јутарњи лист“, водел и повеќе театарски институции во земјата.
Шеесетгодишниот Кобал е роден во Трст, каде што завршил и основно училиште, додека режија дипломирал на Академијата за театар и филм во Љубљана. Некои негови пријатели и симпатизери сѐ уште веруваат дека станува збор за забуна.
Раководителката на Словенечкото људско гледалиште (СЉГ) во Целје, Тина Коси, деновиве на прес-конференција изјавила дека казнено го пријавиле Кобал и дека ќе бараат да им ги врати 13.000 евра што му ги дале за текстот, за кој, по испитување на добиена анонимна пријава, се покажало дека не станува збор за Кобалово авторско дело туку за превод на комедијата „Ла прова џенерале“ на италијанскиот автор од минатиот век Алдо Николај. На тој начин на театарот му е нанесена морална, но и материјална штета. Меѓу другото, тој морал да им плати три и пол илјади евра за кршење авторски права на правните наследници на италијанскиот писател и да ги откаже договорите со глумците во претставата, која требало да остане на репертоарот до крајот на оваа сезона
– За тоа дека станува збор за плагијат, односно за буквален превод со неколку мали кратења и додавања во текстот, театарот од Целје го информирал и Кобал, со кого веќе нема да соработува, а за тоа е информирано и Министерството за култура – изјавила управителката Коси.
Исплатениот хонорар театарот ќе се обиде да го добие назад по судски пат.