Фото: Пиксабеј

Дали некогаш сте застанале покрај патот да ги бодрите маратонците и сте се запрашале зошто изгледаат среќни и покрај сиот напор? Дали некогаш сте им завидувале на тркачите во парк на кои им се гледа насмевка на лицето? Очигледно, луѓето што се посветени на трчањето обично уживаат во своето хоби (или занимање), но се чини дека има и научни причини за тоа.
Овие појави се нарекуваат „тркачка еуфорија“, а се објаснуваат со навалата кон мозокот и телото на хемиски соединенија, кои предизвикуваат добро расположение.
Дури и тркачите рекреативци или натпреварувачки ќе ви кажат за ова чувство, иако можеби и не знаат како да објаснат од каде доаѓа сето тоа. Поверојатно е дека ова чувство ќе го објаснат со свесност за придобивките од трчањето, но и од движењето во природа, дури и кога се целосно исцрпени од трчањето на долги патеки. Терминот „трчачка еуфорија“, веројатно, потекнува од седумдесеттите години на минатиот век, кога – особено во САД – започна првиот бран со рекреативно трчање. Оттогаш се појави и во научната литература, каде што ги вклучува промените во физиолошката состојба што се јавуваат при вежбање.

Ендоканабиноидите се клучот за внатрешен мир

Oвие промени вклучуваат субјективни чувства како што се подобро расположение и општо чувство на благосостојба, но и некои мерливи промени во „хемијата“ на телото. Особено многу внимание се посветува на една специфична група хемикалии поврзани со рекреација: ендорфините.
За време на аеробни вежби – а трчањето е едно од нив – телото почнува да ослободува коктел од хемиски материи, вклучувајќи неколку различни форми на ендорфини. Овие супстанции ги имитираат ефектите што опиоидите ги имаат врз телото, но се многу поблаги. Според една студија од 2010 година во медицинскиот весник „Хаваи“, ендорфините помагаат да се релаксира телото и да се намали болката, што може да објасни зошто луѓето сè уште се чувствуваат добро по исцрпувачки тренинг или трка.
Со децении, многу научници веруваа дека ендорфините, освен што ја намалуваат болката, го подобруваат и расположението и покрај заморот. Но имаше проблем: ендорфините не минуваат од крвта во мозокот, па не можат да бидат директно поврзани со чувството на среќа. Така, тие тргнаа да истражуваат понатаму и пронајдоа цел комплекс на липиди наречени ендоканабиноиди и невротрансмитери, кои претходно не биле поврзани со ефектот на вежбањето на различни ткива. Слично на ендорфините, тие можат да влијаат на расположението, но ги преминуваат и бариерите помеѓу крвта и мозокот.
Студијата од 2021 година покажа дека ендоканабиноидите се всушност клучот што го отклучува чувството за внатрешен мир. Дополнително, две години претходно, друга студија покажа дека оваа супстанција е слична на активната состојка на канабисот, THC, поради што луѓето се чувствуваат „под дејство“ кога овие супстанции патуваат низ телото. Разликата и предноста е во тоа што ендоканабиноидите се произведуваат природно во нашето тело, така што тие имаат многу посуптилно влијание врз менталната состојба од она што го предизвикува консумирањето THC.
Покрај двете споменати супстанции, вежбањето ослободува уште една хемикалија одговорна за доброто расположение, допаминот, кој е поврзан со мотивацијата. На пример, допамин се произведува и кога ќе добиете на лотарија, ќе доживеете оргазам или ќе пробате јадење што навистина ви се допаѓа.

Како да се постигне тркачка еуфорија?

Очигледниот одговор е – почнете да трчате, особено долгите трчања. За да се појави ефектот ќе ви требаат неколку километри, но не може точно да се каже кога ќе се појави чувството и колку ќе трае. Покрај тоа, според Дејвид Линден, професор по невронаука на универзитетот „Џон Хопкинс“, не секој тркач ќе може да го произведе ова чувство.
Во спротивно, без оглед на името што покажува дека тоа е можно само со трчање, други аеробни активности како возење велосипед, пливање или планинарење можат да го имаат истиот ефект.
Очигледно, најважната придобивка од „тркачката еуфорија“ е тоа што повеќе ќе уживате во вежбањето и ќе ви биде полесно да се придржувате до вашата рутина. И, како што знаеме, секоја форма на редовно вежбање е една од главните компоненти на здравјето на срцето и кардиоваскуларниот систем. Дали ова чувство е здраво само по себе не е целосно познато, бидејќи не се пронајдени докази. Но, ако ништо друго, сигурно не е нездраво. Значи, облечете ги патиките и излезете да трчате.