Промовиран романот „Мина“ од Игор Анѓелков

Во кафе-книжарницата „Буква“ се одржа промоцијата на романот „Мина“ од Игор Анѓелков. Промотори беа Ана Мартиноска и Максим Ристески. Книгата е објавена во издание на „Или-или“. Ова е шеста прозна книга на писателот, а негов четврти роман.
– Се обидов да напишам роман што ќе биде голем како и самиот живот. За таа цел се повикав на сеќавањата, кои се најповикуваното и најпосакувано задоволство за писателите. Тие ми помогнаа да антиципирам еден книжевен став за некои минати времиња, кои ги детерминираат овие во кои живуркаме денес и овде. Како централен лик зедов жена борец, која всушност е комплетен аутсајдер, но јас верувам во моќта на „малиот“ човек, бидејќи не секогаш низ книжевноста и уметноста мора да се третираат приказните на значајните историски фигури или личности од нивната блиска околина за да се пренесе одредена книжевна „вистина“ – вели Игор Анѓелков.
Според Ана Мартиноска, Анѓелков повторно го потврдува она што во една пригода го означивме како непретенциозен стил, кој „едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска“.

– Со здрава доза фантазија, свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација – вели Мартиноска.
Романот „Мина“, според Максим Ристески, е граден на слоеви од портрети, конкретни/лични и апстрактно-општи (во смисла на заеднички), органски, но неслиено поврзани: на Мина (баба на авторот), чиј еманципаторски потенцијал се потрошил во еден мал круг на луѓе само поради околностите; на идеалниот писател, односно на суштествените паралелизми што ги поврзуваат сите книжевни автори; на времињата што авторот ги живеел или ги знае поинаку.