Универзумот е „главната ѕвезда“ на 2021 година, кога станува збор за технолошкиот напредок, без разлика дали се работи за туристички патувања или нови освојувања на далечни небесни пространства.

Втората година од пандемијата беше сведок на бавно, но сигурно враќање на светот на претходно планираните патеки. Напредокот во технологијата продолжи таму каде што застана во 2020 година. Социјалните мрежи беа во постојан фокус на вниманието, поради добри или не толку добри причини, а напорите за заштита на планетата повторно добија на интензитет.

Остров на енергија

Зголеменото загадување ширум светот ги охрабрува владите да инвестираат во развојот на обновливите извори на енергија, со цел да се спаси планетата Земја.
Данска го одобри планот за изградба на првиот енергетски остров во светот во Северното Море, кој ќе произведува и складира доволно зелена енергија за потребите на три милиони европски домаќинства за електрична енергија. Вештачкиот остров, ќе биде со големина на 18 фудбалски игралишта, поврзан со стотици турбини на ветер и ќе обезбедува енергија и за домаќинствата и за индустријата.

Ограничувања на Тикток

Социјалните мрежи станаа составен дел од модерниот живот и затоа носат голема одговорност кон нивните корисници. Кинеската платформа за објавување видеа го блокираше пристапот за деца под 13 години на апликацијата Тикток во јануари, откако 10-годишното девојче од Палермо изврши самоубиство во т.н. „блекаут предизвик“ .

Вештачки керозин

Еколошките мерки се воведоа и во воздухопловната индустрија, која е еден од посериозните загадувачи. Авиокомпанијата „КЛМ“,во соработката со „Шел“ и холандското Министерство за инфраструктура и водостопанство, го реализираше првиот комерцијален патнички лет со вештачки керозин.

Кинеско вселенско летало влезе во орбитата на Марс

Планетата Марс годинава повторно го привлече вниманието на светската јавност, а се чини дека секој месец пристигнуваа значајни вести од правец на Црвената планета. Кинеско вселенско летало без екипаж успешно влезе во орбитата на Марс во февруари, шест и пол месеци по лансирањето од Земјата, објави кинеската Национална вселенска агенција за својата прва независна мисија на Црвената планета.

Ровер на „НАСА“ слета на Марс

Роверот „Персерванс“ на НАСА, најнапредната астробиолошка лабораторија некогаш испратена на друга планета, ја проби атмосферата на Марс и слета на неговата површина, започнувајќи потрагата по древни траги на живот на Црвената планета.

„Ел-џи“ се повлече од пазарот на паметни телефони

Покрај врз здравјето, пандемијата имаше сериозни последици и за бизнисот на големите компании. Јужнокорејскиот „Ел-џи Електроникс“ е првиот голем производител на паметни телефони што го затвори синџирот на производство поради загуби, откако не успеа да најде купувач.

НАСА го потврди првиот лет на хеликоптер до Марс

Американската вселенска агенција (НАСА) потврди дека сѐ уште е најголемиот играч кога станува збор за освојување на вселената. НАСА во април извести за извршен лет со хеликоптер на Марс, што воедно е и прв лет на вселенско летало со мотор на друга планета.

Роверот на НАСА произведе кислород на Марс

НАСА ја продолжи својата успешна серија на Марс, а роверот „Персерванс“ продолжи да испишува историја. Роботско возило со шест тркала го претвори јаглеродниот диоксид од атмосферата на Марс во кислород. Овој процес не само што би можел да произведе кислород, што идните астронаути ќе можат да го вдишат, туку може да го направи непотребно извлекувањето на огромни количини кислород од мразот од длабочините на Марс, потребни за ракетата да се врати.

Кинеско вселенско летало успешно слета на површината на Марс

Кина во 2021 година продолжи да докажува дека сака големо парче од „вселенскиот колач. Нивно вселенско летало без екипаж успешно слета на површината на Марс во април, со што Кина стана втора земја по САД што слета на Црвената планета.

„Ај-би-ем“ произведе нов квантен компјутер

Големите научни откритија бараат огромна процесорска моќ и високи пресметковни брзини, а следниот чекор во развојот се квантните компјутери. Па така „Ај-би-ем“го претстави новиот и еден од најмоќните европски квантни компјутери „Кју Систем 1“. Со овој квантен компјутер ќе управува германскиот истражувачки институт „Фраунхофер“, кој е и купувач на компјутерот. Целта на новиот квантен компјутер е да обезбеди квантен хардверски пристап до илјадници истражувачи во Германија и Европа.

Црната кутија задолжителна и во автомобилите

Од следната година сите нови автомобили во Европската Унија задолжително ќе имаат црна кутија, а од 2024 година ќе ја имаат сите новорегистрирани возила. Црната кутија е уред кој до најмал детаљ треба да открие сѐ што се случило во секундите пред несреќата.

Ричард Бренсон патуваше во вселената

Годината зад нас во голема мера беше обележана со почетокот на вистинскиот вселенски туризам, кој почна во јули, кога британскиот милијардер Ричард Бренсон се искачи на повеќе од 80 километри над површината на Земјата со вселенското летало „Вирџин Галактик“ и секако се врати на Земјата, во првиот пробен лет во вселената со човечки екипаж.

Прва комерцијална имплантација на вештачко срце

Француската компанија „Кармат“ во јули објави дека за првпат го продала своето целосно вештачко срце, познато како „Есон“, кое било вградено кај пациент во италијанската болница во Неапол. Вградувањето на целосно вештачко срце го изврши кардиохирургот Чиро Маиело во болницата во Неапол, кој во Италија е предводник во знаењето и искуството во однос на употребата на вештачко срце.

И Безос летна во вселената

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, еден од најбогатите луѓе на светот, се искачи во вселената со ракетата „Блу Ориџин“ на неговата компанија, како дел од екипажот на историскиот суборбитален лет што означува пресвртница во новата ера на приватно вселенско патување. Безос и тројца членови на екипажот се вратија на Земјата по 11-минутен вселенски лет.

Започна со работа најголемата фабрика за апсорпција на јаглерод диоксид во светот

Иако напорите за освојување на универзумот се за пофалба, заштитата на Земјата и нејзината околина остануваат приоритет. Најголемата фабрика во светот за апсорпција на јаглерод диоксид директно од воздухот, лоцирана во Исланд, започна со работа во август. Фабриката може да апсорбира до 4.000 тони јаглерод диоксид годишно, што е количина која ја испуштаат 790 автомобили годишно.

„Спејс екс“ полета во вселената со првиот цивилен екипаж

Ракетата „Спејс екс“ во септември полета од Флорида со целосно цивилен екипаж кој некогаш бил лансиран на лет до орбитата на Земјата. Летот на „Спејс екс“ беше изнајмен од американскиот милијардер и искусен пилот Џаред Ајсакмен, 38-годишниот основач и извршен директор на компанијата за финансиски услуги „Шифт4Пејмент“.

„Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Воцап“ под капата на „Мета“

Извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, во октомври претстави голем број нови концепти и објави дека компанијата ќе го промени своето име во „Мета“ која ги поседува три големи брендови: „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Воцап“

НАСА лансираше вселенско летало за одбрана од астероиди

На Земјата и се закануваат бројни опасности од вселената, што е лесно да се заклучи од минатото, кога пред 65 милиони години по удар на астероид бил уништен целиот живот на планетата. Затоа, НАСА во ноември лансираше вселенско летало во мисија насочена кон поместување на движењата на астероиди, за да ја спаси Земјата од евентуален судир со други вселенски тела.

Сонда на НАСА во сончевата атмосфера

Американската вселенска агенција (НАСА) објави дека соларната сонда „Паркер“ стана првото вселенско летало што влегло во сончевата атмосфера. „Паркер“ влезе во сончевата атмосфера на околу 1,3 милиони километри над површината на Сонцето, што претставува џиновски скок за науката.

Лансиран вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“

Лансирањето на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ е последната активност на „НАСА“ за оваа година со кој се отвара нова ера на истражување на вселената. Револуционерниот инструмент на НАСА вреден девет милијарди долари и тежок 6.350 килограми бил ослободен од ракетата по лет од 26 минути во вселената.