По концертот на „Жера и Црвена јабука“ во Скопје

Продукциската куќа „Вајб“ од Тетово, која ги донесе „Жера и Црвена јабука“ во Скопје пред нецели два месеца, беше на нивото на својата задача. Добра реклама, навремена, на клучни места, голема промоција, прес-конференција на лидерот Жера на две недели пред концертот во Скопје и коректен однос со медиумите. Прекрасен избор на место на случување – салата „Јане Сандански“ во Аеродром. Мирен влез и излез, електронски билети, сигурност и безбедност за публиката, техниката и музичарите, значи сѐ на свое место. Салата преполна со публика со позитивна енергија, трибините речиси полни, партерот уште пополн, над 4.500 љубители на „Жера и Црвена јабука“, кои уживаа повеќе од два часа во музиката, во тоа заедничко пеење на секоја песна од сечија младост.

Излегува Жера со групата, две гитари, тапани, синтисајзер и придружни женски вокал и се редат бисерите од едно време, измешани со новите песни. Музичарите подготвени, знаат кога да нагазат, кога да се повлечат, а Жера не прекинува, повеќе рецитира отколку што пее, ама сѐ во рамките на прифатливото. Единствено новите аранжмани на старите песни не дозволуваат да се погоди за која песна станува збор сѐ додека не се огласи рефренот. Така, на пример, „Ти знаш ко је лудак на киши“ во новиот аранжман беше тотално непрепознатлива.Добар маркетиншки трик беше изборот на две песни на македонски, „Ако умрам ил загинам“ и „Јовано, Јованке“, како и неизбежната „Македонија“ на Дадо Топиќ.
Групата го смени името во „Жера и Црвена јабука“ поради некои правни последици, а во сегашната постава, е останат само Жера, кој и не компонира, туку други ги пишуваат и текстовите и композициите. Веројатно затоа и новите албуми не можат да допрат до нашата публика, ги нема искреноста и емоциите како порано. Иако функционираат делумно на стара слава, тие се професионалци што знаат да отсвират, а Жера како лидер знае како треба со публиката.

На концертот во Скопје слушнавме и некои од песните од последните албуми: „Нека нова јутра“, „Ноктурно“, „Тврѓава“, но без посебна раздвиженост кај публиката. Но кога ги свиреа старите песни, химните: „То ми ради“, „Дирлија“, „Некако с пролеќа“, „Туго несреќо“, „Има нешто од срца до срца“, „За све ове године“, „Нек те он љуби“, „Бјежи кишо с прозора“, „С твојих усана“… атмосферата драстично се промени, сите во еден глас пееја, скокаа, играа. Имаше и два биса, публиката едноставно не сакаше да си замине.
Ако ме праша некој дали повторно би одел на концерт на „Жера и Црвена јабука“, иако бев двапати оваа година на две различни места, секако дека би одел, најмногу за да се почувствувам како тинејџер и барем за два часа да се вратам во најубавиот период од животот.

Љупчо Давчев