фото: Нова Македонија

Во рамките на „Проспер“, меѓународен проект кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, чија цел е зајакнување на меѓународната културна соработка и интегрирање на еколошките прашања во уметничките практики, е најавена меѓународна резиденција во Охрид наредната година. Приоритет ќе биде истражување на еколошките предизвици со кои се соочуваат Охридско Езеро и населените места во негова близина.
– Ги покануваме уметниците, дизајнерите, истражувачите и културните работници да се пријават за учество. Рокот за пријавување е 6 ноември.
Фокусот на резиденцијата е Охридско Езеро како светско историско и природно наследство, односно еколошките предизвици со кои се соочува тоа поради неодржливите практики во туризмот. Главната цел на програмата е да ги инспирира учесниците да најдат врски помеѓу својата практика, фрагилната средина во која ќе работат и луѓето што живеат таму – информираат организаторите.
Учесниците ќе имаат можност низ креативна работа да ги преточат во уметнички дела инспирациите и размислувањата поврзани со Охридско Езеро преку соработка со локални уметници. Резиденцијата ќе биде со времетраење од 30 дена, со група од осум учесници. Програмата завршува со заеднички еднодневен фестивал, на кој партиципиентите ќе имаат можност да го прикажуваат својот креативен труд.