Претставничките на Украина и Русија привлекоа големо внимание на овогодинешното натпреварување на Мис Универзум одржано во САД, по кое Украинката Викторија Апанасенко проговори за односот со Русинката Ана Линикова.
– Напорите на Украина да ја исклучи руската претставничка од изборот за убавина беа неуспешни. Работевме многу на тоа, но доби американска виза и тоа го реши нејзиното учество на натпреварот. Штом Американците ѝ дадоа виза, организацискиот одбор не може да ја исклучи од натпреварот – изјави Апанасенко за украинските медиуми.
Таа откри дека Русинката постојано барала да се фотографира покрај неа на натпреварот.
– Нејзиниот организациски одбор ја советувал да направи селфи со мене. Ова не е првпат да се обиде да го направи ова. Имам само едно прашање за неа и досега не добив одговор: дали ја поддржува политиката на својот претседател кој ја започна војната во Украина или не. Неколку пати се понуди да направи пријателска фотографија – истакна украинската убавица.
Апанасенко на изборот се појави во костимот наречен „Воинот на светлината“, објаснувајќи дека тој ја претставува борбата на нејзината нација против темнината.
– Како што Архангел Михаил со меч во рака ја брани Украина, тој нѐ штити нас – напиша Викторија на социјалните мрежи.
Престижната титула Мис Унивеерзум ја освои Американката Р’Бони Габриел. Аманда Дудамел од Венецуела беше крунисана за прва придружничка, а Андреина Мартинез од Доминиканска Република втора придружничка.