Граѓански ст(р)ав за високите цени

За решавање на проблемот со високите цени е потребна сеопфатна акција од носителите на економските политики. Во прв ред тие треба да бидат насочени кон разоткривање на сите што во овие кризни времиња се обидуваат да профитираат преку високите цени. И, секако, при креирањето на политиките секогаш во преден план да бидат интересите на граѓаните. Само така можеме да имаме позадоволни граѓани и поуспешна држава во целина

Зголемувањето на трошоците за живот е најголемата грижа за 93 отсто од Европејците, покажaло најновото истражување на Евробарометар, изработено за Европскиот парламент.Истражувањето идентификувало и нови грижи за европскиот граѓанин што пред почетокот на економската криза од минатата година биле присутни кај европската популација. Така, дури 82 проценти од испитаниците се изјасниле дека се загрижени поради заканата од сиромаштија и социјална исклученост. Високо двотретинско мнозинство од 81 отсто се изјасниле дека се грижат и поради климатските промени и опасноста војната во Украина да се прошири и во другите земји! Речиси половина од населението на ЕУ (46 проценти) навело дека неговиот животен стандард веќе е намален поради ефектите од пандемијата на ковид-19, поради војната во Украина и економската криза и зголемените трошоци за живот. Истовремено, 39 отсто од испитаниците се изјасниле дека не доживеале пад на својот животен стандард, но очекуваат тоа да се случи во тековната година. Анкетата покажува дека поддршката за ЕУ останува стабилна и висока, при што граѓаните очекуваат Унијата да продолжи да работи на решенија за ублажување на ефектите од кризите. Резултатите од најновото истражување на Евробарометар се сериозен знак дека граѓаните во Европската Унија се соочуваат со намалување на животниот стандард, а на половината од нив сиромаштијата веќе силно им (за)тропа на вратата.
Но какви се состојбите кај македонските граѓани во однос на истата оваа тематика? Колку е загрозен животниот стандард на македонските граѓани, како да се зауздат инфлацијата и високите цени, какви се состојбите со сиромаштијата итн.? Сите овие прашања заслужуваат сериозно истражување и подлабока анализа. Но овие проблеми и предизвици со кои сега се соочуваат Европејците се чини дека нам ни се добро познати уште многу одамна. Додуша, сега е многу потешко, но факт е дека на македонските граѓани никогаш не им цутеле рози во економијата и секогаш наоѓале начини да се протурка месецот. Зашто македонските граѓанин одамна се „растоварени“ од некои грижи што сега ги мачат префинетите Европејци, кои беа навикнати на порелаксиран живот, што секако им ги овозможуваат високите европски плати. Нашиот народ одамна знае како да се справува со сиромаштијата и може да им дели совети на граѓаните од Европската Унија како да се протурка месецот со високите сметки за храна или да се затоплува домот, да се купува некој апарат за домаќинство со ниската македонска плата… Какви би биле резултатите од едно вакво истражување во Македонија, по теркот што го направил Евробарометар, може да претпоставиме. За другите искажани грижи на Европејците од климатските промени, македонските граѓани исто така имаат што да кажат, зашто практично секојдневно на своја кожа ги чувствуваат последиците од тие промени. Имено, веќе подолг период, особено во зимските месеци, македонските градови се во самиот не европски туку светски врв по аерозагадување. Со други зборови, дишеме најзагаден воздух во Европа. И соочени и со овој опасен факт, се трудиме да опстанеме и преживееме. Кој како знае и умее. Додека не се најде некое посеопфатно системско решение на повисоко ниво и не се растера политичката магла што надвиснала и над аерозагадувањето, па секој му ја префрла топката на другиот.

Искажувањето за некаков граѓански ст(р)ав за случувањата во Украина, пак, би нѐ одвело во некакви нови непотребни поделби за тоа кој е за Западот, а кој за Истокот! По толку поделби за сѐ и сешто, такво нешто навистина не ни треба.
Меѓутоа, во анкетата на Евробарометар има нешто што може да им користи и на креаторите на економските и монетарните политики во Македонија. Во посоченото истражување европските граѓани јасно порачале дека „поддршката за ЕУ останува стабилна и висока, при што граѓаните очекуваат Унијата да продолжи да работи на решенија за ублажување на ефектите од кризите“. Ако ова се очекувањата на граѓаните во ЕУ, во која минатогодишната инфлација изнесуваше околу девет отсто, тогаш ангажирањето на домашните институции околу смирувањето на инфлацијата во Македонија, која е највисока во земјите од регионот и достигнува до 14,2 отсто, треба да бидат уште посилно и поефикасно. И притоа треба да се користат и искуствата од ЕУ и секако да се бара помош, но и поддршка од ЕУ, за ублажување на последоците од неколкуте последователни кризи што се одразуваат врз економијата. Како што Европејците очекуваат од ЕУ помош и решенија за ублажување на ефектите од економската криза, истото тоа го очекуваат и македонските граѓани. Европската Унија има начини, механизми, финансии и фондови преку кои може да ѝ помогне на македонската економија полесно да се справи со предизвиците и да исплива од кризите. Во меѓувреме, и сите надлежни фактори во сферата на домашната економија треба да си го одработат својот дел од задачата.
Се чини дека мерките што беа преземени досега, со ограничувањето на маржите за прехранбените производи и за доделување субвенционирана цена на струјата за домашните преработувачи, се недоволни за повидливо намалување на цените во малопродажбата. Државниот завод за статистика измери минорно намалување на цените до декември минатата година, за 0,2 отсто, во однос на ноември, што ни укажува на фактот дека граѓаните годинава ќе продолжат да живеат со високата инфлација. И покрај намалувањето на производствените трошоци за струја и горивата, чии цени на светските берзи се намалени, македонските трговци и преработувачи им порачаа на граѓаните да не очекуваат поголемо намалување на цените. Првичните сигнали се дека засега ќе нема нови мерки и за намалување на инфлацијата, бидејќи, како што велат политичарите, „мора да се внимава и на буџетот“.

Од Народната банка на Македонија ги искажаа своите очекувања за „враќање на инфлацијата на одржлив пат и со тоа да се зачува куповната моќ на населението и да се поддржат инвестициите преку намалување на неизвесноста“. Предвидувањата на монетарците се среднорочно стабилизирање на инфлацијата на ниво од два отсто, но овие трендови би можеле да ги почувствуваме од 2024 година.
Ова значи дека македонските граѓани ги очекува уште една тешка и неизвесна година, во која повторно ќе треба да ја искажат својата способност за преживување. И во таа борба има обиди некој политички да поентира, па податокот дека имало заштеда на струја за домаќинствата од 15 отсто во последните месеци од 2022 година, политичарите го претставија како „голем успех“.

Најновото истражување на Евробарометар изработено за Европскиот парламент покажа дека зголемувањето на трошоците за живот е најголемата грижа за 93 отсто од Европејците. Но што е она за што најмногу се грижат македонските граѓани и со кои предизвици се соочуваат тие?

Секако дека треба да се штеди, но никој не ги прашува граѓаните на што сѐ треба да штедат за да преживеат. Зашто веќе не станува збор за нормален живот, туку за елементарно преживување, поради што граѓаните мора да се откажуваат од многу нешта. Дали може да се смета за успех на економските и кои било други политики ако сте ги довеле граѓаните на работ на опстанок? Зашто повеќето од граѓаните се наоѓаат на преминот од линијата на сиромаштија, а доволен индикатор се и ниските примања, кои не го покриваат ни растот на инфлацијата. Во октомври 2022 година растот на платите е 13,6 отсто, но затоа растот на трошоците на животот за истиот период е 19,8 отсто споредено со истиот месец од 2021 година. За решавање на проблемот со високите цени е потребна сеопфатна акција од носителите на економските политики. Во прв ред тие треба да бидат насочени кон разоткривање на сите што во овие кризни времиња се обидуваат да профитираат преку високите цени. И, секако, при креирањето на политиките секогаш во преден план да бидат интересите на граѓаните. Само така може да имаме позадоволни граѓани и поуспешна држава во целина.