Остатоци од римски мавзолеј, за кој се верува дека е најдобро зачуваната градба од ваков вид откриена во Велика Британија, се откриени на локација во Лондон, соопшти неодамна Лондонскиот археолошки музеј (МОЛА).

Како што се наведува, „неверојатно реткото“ откритие, наводно, било откопано на градилиштето Либерти оф Саутвек, недалеку од пазарот Бороу и станицата Лондон бриџ.

Мавзолејот содржи два мозаика, еден директно под другиот, кои имаат централен цвет опкружен со концентрични кругови. Иако гробницата била речиси целосно демонтирана, веројатно во средниот век, постојат знаци дека станува збор за голема градба, можеби два ката и дека најверојатно била изградена за да можат побогатите Римјани да ја користат како семејна гробница. На местото не беа пронајдени ковчези или погребни остатоци, но беа откриени повеќе од 100 монети, заедно со парчиња метал, фрагменти од керамика и плочки.

Областа околу мавзолејот содржела повеќе од 80 предмети користени за време на римските погребувања, вклучувајќи бакарни нараквици, стаклени мониста, монети, керамика, па дури и чешел од коски.

Од МОЛА наведуваат дека се планира мавзолејот да биде изложен пред јавноста.
Во февруари минатата година на истата локација беа откриени остатоците од најголемите мозаици пронајдени во Лондон во последните 50 години, како и ѕидови и внатрешни подови.