Фото: МИА/Илустрација

Претседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески, кој беше претепан во Струга, сака да го продолжи лекувањето во Бугарија, бидејќи како што вели, се сомнева дека ќе му се помогне во Македонија, пренесува „Макфакс“.

Тој за бугарската телевизија БНТ утрово коментира дека денеска се чувствува подобро, но истакна дека во болницата не се направени никакви испитувања, само му биле препишани лекови. Според него, лекарите не биле особено трогнати од неговите повици за помош.

Тој се пожали на стомачни болки и главоболки. Истовремено посочи дека го видел својот напаѓач, но немал блиски односи со него. Напаѓачот ѝ се предал на полицијата.

Претходно, во изјава за бугарска „Нова“ вели дека не можел повеќе да живее тука и сака да се пресели во Бугарија.

Другиот копретседател на бугарското здружение – Бугаринот Живко Чакракчиев, синоќа замина за Струга да се види со својот колега.

– Денеска ќе се сретнам со полицијата за да дознаам што се презема за случајот. Она што досега го разбрав е дека напаѓачот навистина се предал, министерот за внатрешни работи на телевизија изјави дека тој ќе биде сослушан. Во исто време познаници на напаѓачот му се јавуваат на Кадриески, му праќаат луѓе дома за да го натераат да се сретне со напаѓачот, за да се разберат – објасни Чакракчиев.

Тој смета дека македонските власти сакаат да ги прикријат работите и случајот да не се третира како злосторство од омраза.