„МСГ сфера“ е името на арената вредна 2,2 милијарди долари што моментално се гради во Лас Вегас, Невада, а се очекува да биде завршена во 2023 година. Арената е висока 110 метри и широка 157 метри. Публиката ќе има можност да ужива во изведбите на најголемиот 16К ЛЕД-екран што е некогаш направен, во импресивен звук и во вибрирачки седишта. Таа исто така ќе може да ги искуси ветрот, мирисите и температурните промени што одат заедно со она што е прикажано на екранот. Планирано е арената да работи 365 дена во годината и треба да донесе стотици милиони долари за локалната економија.
Салата со 17.500 седишта првично требаше да биде отворена во 2021 година, но изградбата беше запрена во април 2020 година поради пандемијата. Освен формата, која од далечина изгледа како голема кошаркарска топка, она што го издвојува објектот е технологијата што ќе се користи.
– Внатре, во сферата, публиката ќе биде воодушевена од најголемиот 16К ЛЕД-екран во светот. Овој екран ќе ја има највисоката резолуција во светот, која е неколкупати поостра од сѐ што можете да искусите денес – рече Лукас Вотсон, претседател на „МСГ сфера“ на прес-конференција.
Како што вели тој, нивната мисија е да претстават сосема нов медиум што ќе ги отклучи заедничките искуства што луѓето никогаш не сонувале дека се можни.
– Работиме со уметници и креатори од светска класа за да го оживееме ова. Се надеваме дека ќе го направиме Лас Вегас родно место на нов медиум – заклучи Вотсон.
Арената треба да биде отворена во септември годинава.