Македонска книжевна критичка мисла постоела и во 19 век

Книга новина во македонската наука

Во издание на Институтот за македонска литература е објавена монографијата „Македонската книжевна критика во 19 век“ од Славчо Ковилоски. Книгата претставува своевидна историја за појавата и развојот на критиката во новата македонска книжевност и со неа се покажува развојот на македонската книжевна критика и книжевност во изминатите два века. Во неа се презентирани педесетина автори, со над стои и педесет критичко-есеистички текстови, кои во иднина треба да заземат свое место во каноните на македонската литература. Без критичките одгласи од и за Теодосиј Синаитски, Партенија Зографски, Константин Миладинов, Григор Прличев, Трајко Китанчев, Крсте Мисирков и другите македонски книжевници не би бил можен развојот на македонската литература во 19 век, но и на македонската литература од 20 и 21 век, во жанровска и естетска смисла.
Притоа, се утврдува дека постоела македонска книжевна критичка мисла од ова време и се покажува дека таа во 20 век не е пројавена ад хок, како што беше презентирано од страна на некои книжевни критичари во минатото. Поради тоа, подготвени се соодветна периодизација и типологизација, а подетално се анализирани и одредени критички осврти што своевремено ја бранувале тогашната јавност. Преку позитивистичките валоризирања и промотивните помпи, до евидентните маргинализирања и бесмислените оцрнувања, се создавале и се ревидирале одредени вредносни системи. Тоа се оние автори што зад себе оставиле дела, без разлика дали станува збор за поезија, проза, драми, а во нашиот случај и критика.
Според рецензентката Валентина Миронска-Христовска, книгата претставува новина во македонската наука за литературна историја, а наедно и во македонската наука за литература и култура воопшто.
– Со овој свој научен труд авторот Славчо Ковилоски пополни една празнина во нашата литературна историја, која е неопходна за проучувањето на развојот и на континуитетот на македонската литература, како и на науката за литературата и за културата воопшто. Секако, оцената за оваа вонредно значајна книга се дополнува не само од потребата да истакнеме дека покрај тоа што таа првпат нуди можност на едно место да се проследи развојот на македонската критичка мисла во 19 век, туку затоа тоа што во неа се внесени и низа познати, како и помалку познати имиња што со своето дело го овозможиле не само развојот на македонската литература туку и на македонската култура – пишува Миронска-Христовска. В.Д.