Фото: Пиксабеј

Дроновите наскоро ќе најдат своја примена во медицината на територијата на Берлин. Беспилотните летала ќе поврзат 13 болници со централна лабораторија во главниот град на Германија.
Дроновите наскоро ќе станат дел од секојдневието и во Берлин. Нема да биде како во научнофантастичните филмови, но сепак редовните мали летови ќе служат за итни медицински лабораториски тестови, пишува „Дојче веле“.
– Нивната задача на почетокот нема да биде обемна. Квадрокоптерот ќе лета меѓу пет и десет пати на ден. А маршрутата ќе биде помала од десет километри – вели Клаус Тенинг, проект-менаџер во берлинската лабораторија.
Употребата на дронови за брз транспорт низ градот е заедничко вложување помеѓу берлинските клиники „Вивантес“ и „Чарите“. Во црвената кутија, беспилотните летала ќе пренесуваат дијагностика за итни случаи, првенствено примероци од крв од пациентите, на кои обично им треба и до еден час за транспорт во лабораторија.
– Доколку, на пример, постои сомневање дека некое лице доживеало труење, тоа може да се потврди само во Централната лабораторија во Берлин. Наша цел е овој транспорт со дрон да го извршиме за најмногу 15 минути, без разлика за која болница во Берлин станува збор – објаснува Тенинг.
Според него, за да функционира еден ваков проект се потребни голем број (посебни) дозволи. Федералната управа за авијација веќе дала зелено светло, но тоа е само една пречка на патот кон редовните операции.
– Летаме низ зоната на забранети летови во Берлин. Тоа е три наутички милји околу Рајхстагот. Имаме одобрение за тоа и сме во близок контакт со релевантните органи или оператори за одобрување летови во одредени географски области. Дури и летањето над бродскиот канал Берлин-Шпандау мора да биде посебно одобрено. Откако ќе го добиеме и тоа одобрение, беспилотното летало од приближно еден квадратен метар со неговата црвена транспортна кутија може официјално да полета. Дронот лета на висина од 90 метри, со брзина од речиси 70 километри на час – објаснува Тенинг.
Но не треба да се ограничи само на еден дрон. Тенинг дури очекува и мала позитивна промена во сообраќајот.
– Апсолутно сум убеден дека ќе има повеќе комерцијални примери како овој во иднина. Можеме да помогнеме да се намали метежот на улиците овде во Берлин, а исто така да се намалат и емисиите – вели тој.