Тина Тарнер се прослави и се вброи меѓу најголемите изведувачи во светот како соло-уметница и една од клучните поп-икони во 1980-тите. Често нарекувана кралица на рокенролот, таа беше позната по своите енергични сценски настапи и по моќниот вокал

Музичката ѕвезда Тина Тарнер почина на 83-годишна возраст во Швајцарија, по долго боледување, соопшти нејзиниот портпарол.
– Тина Тарнер, кралицата на рокенролот, почина денеска по долго боледување во својот дом во Киснахт, во близината на Цирих, Швајцарија. Светот изгуби музичка легенда и модел – стои во објавата.
Таа последната година, како што пишуваат светските медиуми, се бореше со последиците од ракот на дебелото црево, кој ѝ беше дијагностициран во 2016 година, додека во 2017 година ѝ беше извршена трансплантација на бубрег. Тарнер се прослави и се вброи меѓу најголемите изведувачи во светот како соло-уметница и една од клучните поп-икони во 1980-тите. Таа ја потврди и ја зајакна улогата на црните жени во рокенролот, дефинирајќи ја ерата на музиката во која создаваше до таа мера што легендарниот лидер на „Ролинг стоунс“, Мик Џегер, призна дека таа е негова инспирација. Често нарекувана кралица на рокенролот, Тина Тарнер беше позната по своите бурни и енергични сценски изведби и по моќниот вокал.
Таа освои осум награди „греми“ и беше примена во „Рокенрол-куќата на славните“ во 2021 година како соло-изведувачка, откако претходно беше примена во неа заедно со нејзиниот поранешен сопруг Ајк Тарнер во 1991 година. По приемот како соло-изведувачка, „Куќата на славните“ забележа дека таа ја „проширила некогаш ограничената идеја за тоа како една црна жена може да освои сцена и да биде и моќ и повеќедимензионално суштество“.

Родена во Тенеси, како Ана Меј Булок, во семејство на мајка работничка во фабрика и татко баптистички свештеник, таа најпрво се прослави како една од водечките пејачки на бендот на својот сопруг Ајк Тарнер – „Кралеви на ритамот“. По разводот со Ајк, таа ја обнови својата кариера и стана една од најголемите поп и рок-ѕвезди од 1980-тите и 1990-тите, со хитови како „Let’s Stay Together“, „Steamy Windows“, „Private Dancer“, со истоимената тема за филмот „Златно око“ од серијалот за Џејмс Бонд, потоа хитовите „I Don’t Wanna Fight and It Takes Two“, дует со Род Стјуарт. По разводот со Ајк, таа среќата ја најде со својот втор сопруг, германскиот музички директор Ервин Бац. Тие почнаа да се забавуваат во средината на 1980-тите, а се венчаа во 2013 година. Двојката живееше во Швајцарија, а Тарнер доби швајцарско државјанство. Тој ѝ донира еден од своите бубрези во 2017 година, откако беше откриено дека боледува од бубрежна инсуфициенција. Таа, исто така, претрпи трагедија со самоубиството на нејзиниот најстар син Крег во 2018 година. Негов татко беше поранешниот колега од бендот на Тарнер, Рејмонд Хил.
За животната приказна на Тарнер беше снимен биографски филм во 1993 година, кој ѝ донесе на Анџела Басет номинација за „оскар“ за улогата на ѕвездата.