Гостиварскиот соработник на нашиот весник, Киро Кипроски, доајен на македонското новинарство и публицистика, утре, во древното македонско духовно светилиште одбележува редок јубилеј, 55 години новинар и публицист. Јубилејот ќе биде одбележан со промоција на монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архијерејско намесништво“, своевиден летопис и енциклопедија на црквите и манастирите на Горнополошкиот Регион, Мавровско и Горнореканскиот Регион, на Шар Планина, Кораб, Бистра, Сува Гора, Букович и Горни Полог.
Беседата „Портрет за Кипро“ ќе ја одржи Панде Колемишевски, поранешен генерален директор на НИП „Нова Македонија“ и главен и одговорен уредник на првиот дневен весник „Нова Македонија“. Монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архијерејско намесништво“ ќе биде промовирана од отец Кирил, архимандрит на вселенскиот престол на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, и од Ратко Димитровски, дипломиран графички инженер, издавач и сопственик на печатницата „Европа 92“ од Скопје.
Овој настан ќе биде збогатен со духовни песнопенија на источното православно (византиско) црковно пеење. Протопсалт на хорот е архимандрит Анатолиј. Монашкиот хор на Бигорскиот манастир важи за најценетиот по источноправославно црковно пеење во Македонија, присутните на настанот ќе уживаат во црковните песни: Тропар на Вознесение Христово, Тропар на Св. Јован Крстител, Првата и Третата песна од Канонот на Усекновение и Богородичен догматик на прв глас „Всемирнују славу“. Во музичкиот дел ќе настапи и Ванчо Тарабунов, жива легенда на македонската народна песна, текстописец, композитор и интерпретатор.