Иницијатива на Националниот младински совет на Македонија

Започна имплементацијата на сесии за кариерно советување во секое средно училиште во Македонија. Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) со финансиска поддршка од британската амбасада во Скопје, а со одобрение од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, до крајот на оваа учебна година преку сесии за кариерно советување ќе ги опфати сите 108 средни училишта, директно информирајќи и едуцирајќи околу 10.000 средношколци за планирање и развој на кариерата.
– Динамиката на денешниот професионален живот и пазарот на трудот е во рапиден раст. Се случува она што денес е барано и атрактивно, веќе утре да биде заменето со нешто ново. Затоа кариерното советување е потребно особено за младите. Тоа не значи само определување на можната професија туку треба да ни помогне да се истражиме себеси на посуштинско ниво: нашите вредности, ставови, амбиции, карактерни особености, предиспозиции, а потоа да ни даде и доволно информации за полето на интерес, пазарот на трудот, можностите што постојат, како и развој на вештини за креирање план за личен и професионален развој и негова успешна реализација – вели Филип Ивковски, претседател на НМСМ.
Препознавајќи ја ваквата потреба на младите, Националниот младински совет на Македонија веќе трета година реализира програма за кариерно советување на младите. Оваа година, со поддршката на образовните институции, идејата е да се креира системско решение и да се најде соодветен модел за инкорпорирање на ваквиот сервис во рамките на образовниот и во младинските центри. Ќе се одржат најмалку три сесии во секоја гимназија и средно стручно училиште, на македонски и албански јазик, а ќе се опфатат ученици од сите години. На интерактивен начин, преку двочасовна работилница ќе се зборува за актуелните дилеми и прашања на средношколците, за тоа што е тоа кариера, кариерен пат, како се планира, што е потребно да се знае пред да се донесе кариерна одлука и кои ресурси се достапни на располагање при кариерното планирање, но и ќе се охрабрат младите дека може да изберат кариера каква што сакаат, а дека при процесот на избор не треба да им влијаат родовите и другите стереотипи карактеристични за нивното опкружување.
Овие работилници ќе ги спроведуваат професионалци од областа на социјална работа, психологија и специјална едукација и рехабилитација, кои поминаа обука од сертифицирани обучувачи на советници за развој на кариера.

– Структурираното планирање кариера може во голема мера да му помогне на секој ученик да се осознае себеси и околината и да направи информирани избори за сопствената иднина. За жал, образовниот систем сѐ уште не нуди доволно системска кариерна поддршка, што очекуваме да се смени со воведувањето стандарди за кариерно советување во училиштата и вработување обучени кариерни советници во секое училиште. Има најави дека ова ќе се случи со очекуваните законски измени, но патот до воспоставување функционален систем е долг и бара постојано и координирано вложување на сите институции. Има една работа полоша од немањето кариерна поддршка, а тоа е давањето нестручна помош, која во многу случаи може да направи голема штета кај сензитивна целна група како што се младите. Ние во Асоцијацијата на советници за развој на кариера (АСК), која е професионално здружение на сертифицирани кариерни советници, и понатаму ќе се залагаме и ќе им даваме поддршка на сите институции и организации за воспоставување стандардизиран систем за кариерно советување, достапен за секој граѓанин – изјави Ивана Дојчиновска Стојановиќ, сертифицирана кариерна советничка и обучувачка на советници за развој на кариера.
Досега во февруари се имплементираа сесии за кариерно советување во 16 училишта од Велес, Берово, Кичево, Куманово, Богданци, Гевгелија, Струмица, Прилеп и во Тетово, а се опфатија околу 500 средношколци. Интересот е навистина голем, па за оние млади што нема да може да се опфатат преку директните сесии ќе се изработи дигитален кариерен планер, кој ќе служи како ресурс за сите идни генерации. Преку овој дигитален планер ќе се опфатат дополнителни 10.000 средношколци на кои ќе им се понудат ресурси и знаења за кариерно планирање и кариерен развој. Националниот младински совет на Македонија веќе 10 години работи на креирање политики и програми што имаат цел да ја унапредат позицијата на младите во општеството, да ја подобрат нивната благосостојба и да креираат можности за млади преку практикантски програми, обуки за кариерно советување, грантови за самовработување, тренинзи за вештини потребни за вработување, имплементација на гаранцијата за млади, креирање стратегии и други стратегиски документи и активности.