Националната турнеја на проектот „Простор за разговор“

Културниот центар „Интерарт“, во соработка и со поддршка на швајцарската амбасада во Скопје, ја продолжува националната турнеја на проектот „Простор за разговор“. Настанот се одржа во партнерство и соработка со здружението „Кортекс“ – Тетово и средното медицинско училиште „Никола Штајн“ од Тетово.
Во рамките на настанот беше прикажан филмот „Простор за разговор“, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, музика на Тони Китановски, костими на Благој Мицевски и сценско обликување и светло на Матеа Мијановиќ, а изведувачи се танчарите на „Скопје танцовиот театар“: Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Бобан Русески, како и Стефани Шааршмит, Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска и Стефанија Милевска Враниќ, студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Филмот е создаден како сценска рефлексија на истражувањето за односот на општеството кон темата на родова еднаквост и семејно насилство, со цел да се сврти вниманието на јавноста кон овој горлив проблем.
Националната турнеја на проектот се случува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Националната мрежа против семејно насилство и локални партнери од десетте града во Македонија, кои се занимаваат со темата на родова еднаквост и родово базирано насилство.
„Простор за разговор“ лани во ноември имаше своја премиера и за таа цел беа создадени уметнички рефлексии на темата, преку современа танцова претстава и филм на истата тема. Во мај турнејата ќе продолжи низ повеќе градови во земјава.
На настанот зборуваше Небахат Имери, психолог и координаторка на „Женски центар – Тетово“, членка на „Кортекс“ – здружение за психотерапија и советување, која е активна во соочување и решавање на проблемите во областа на родова еднаквост и семејното насилство. Покрај другите долгогодишни активности, таа во 2019 г. беше координаторка на спроведената акција во која се реализира трибина на темата „Како да помогнеме да се детектира невидливото насилство, а притоа да се спречи видливото насилство“, во соработка со Општина Тетово и Унијата на средношколците. Работи активно и во рамките на повеќе кампањи го претставува сопственото искуство од работата со клиенти од аспект на психотерапија и советување жртви од семејно насилството. Во 2020 и 2021 г., Небахат е проект-координаторка на проектот под наслов „Институционализирање на квалитативни сервиси за жени жртви на семејно насилство“. Во 2020 година е вклучена како психолошка експертка за стандардизирање психолошки тестови.

Центарот за советување и психотерапија „Кортекс“ – Тетово е здружение основано со цел да им се помогне на граѓаните да ја развијат свесноста за важноста на психосоцијалното здравје. Визијата на центарот е да биде важен фактор во општествената заедница и преку своите едукативни, експериментални, истражувачки, советодавни, психотерапевтски и други активности да придонесе за зголемување на свеста на граѓаните за потребата од психолошка поддршка, во насока на повисок квалитет и соживот. Работата на здружението ги опфаќа сите категории граѓани (без дискриминација), со цел надминување на стереотипите и предрасудите, во насока на психолошко советување и психотерапија; доближување до граѓаните преку едукативни, експериментални советодавни активности во насока на превенција и подобрување на квалитетот на животот. Работните методи се искуствени, интерактивни во групи или со поединци, индивидуални сесии, дискусии, форуми, презентации, работилници. Основната активност е советување и едукација во смисла на зголемување на самосвеста и зголемување на свеста за другите, што доведува до промени и позитивно разбирање. Центарот неодамна склучи договор за соработка за давање психолошки услуги, советување и психотерапија на платформата за онлајн терапија. Членовите на „Кортекс“, покрај организирањето обуки, трибини, семинари, постојано се усовршуваат на професионално ниво во различни области од психологијата.