Борбата со пожарите и спасувањето на луѓето од овие ситуации е секогаш опасна задача, без разлика дали станува збор за опожарени згради или за шумски пожари. Меѓутоа пожарникарите добиваат вредна помош.
Одредени компании и тимови од научници работат на развој на роботи што можат да пребаруваат опожарени згради пред да влезат пожарникарите, а меѓу тие роботи е и ФајерБот. Станува збор за робот со далечински управувач што може да издржи температури до 650 степени и може да работи до четири часа непрекинато. Дизајниран е во форма на кутија, се движи со помош на гасеници и може да надмине различни пречки.
Роботот користи безжична технологија МИМО, која му овозможува да испраќа податоци до приемник оддалечен до 1,5 километар. На тој начин, човек може безбедно да истражува опожарен објект додека го контролира тој робот со џојстик и гледа во екранот.
ФајерБот има сензори што вклучуваат ХД-оптички и термални камери, како и различни механизми за откривање опасни гасови. Покрај тоа, може да открие и присуство на јаглерод моноксид и водород цијанид, две од најсмртоносните испарувања, кои дури можат да убијат луѓе. Роботот се движи двојно побрзо од пожарникар што носи костим и целосна опрема.
Се очекува ФајерБот да чини 90.000 долари кога ќе започне да се продава подоцна оваа година.