Здрава храна

За разлика од кромидот или лукот, празот се користи цел и не само како зачин или додаток туку и како независен зеленчук. Може да се бере од почетокот на есента до крајот на пролетта. Затоа празот е важна намирница, особено во зима, кога изборот на зеленчук е помал. Старите Египќани и Римјани го јаделе празот, а и денес го ценат како здрав и вкусен зеленчук.
Неговиот нутритивен состав е сличен на неговите „роднини“, но содржи повеќе протеини, бета-каротен и витамин Ц. Суровиот праз е одличен извор на манган, но и добар извор на железо, фолна киселина, витамини Ц и Б6. Витамините и минералите се намалуваат со готвењето, но секако е одлична и многу здрава намирница и во тој случај.
Празот е богат со хранливи и лековити материи. Содржи големо количество минерали и витамин Ц, но и етерични масла со сулфур, кои влијаат благотворно. При користење на празот се препорачува да се јаде цел, и зелените листови и белото стебло. Имено, листовите, кои често се избегнуваат, содржат неколкупати повеќе витамини од белиот дел.
Здравствени придобивки на празот:
– празот помага при искашлување, ја смирува кашлицата и поволно дејствува при засипнатост, пневмонија и астма;
– го намалува зголеменото количество урична киселина, холестерол и масти во крвта;
– празот ја подобрува циркулацијата на крвта, а помага и при атеросклероза и воспаление на вените;
– го подобрува апетитот и ја стимулира работата на дигестивниот систем и цревата;
– поттикнува подобра функција на бубрезите и излачување на урината, а со тоа помага при болки во бубрезите.