Остатоците од тајната британска подморница „ХМС триумф“ од Втората светска војна се пронајдени по 20-годишна потрага предводена од грчки нуркач. Станува збор за подморница што го отвори патот кон ерата на специјалните операции, а која работеше на брегот на Грција во 1942 година кога мистериозно исчезна. Меѓутоа, 80 години подоцна, грчкиот нуркач Костас Токтаридес на Фејсбук објави дека со помош на неговиот тим конечно ја лоцирал подморницата во Егејско Море.
Иако не ја откри точната локација на подморницата, таа, наводно, е оддалечена десетици километри од Кејп Сунион и се наоѓа на длабочина од 203 метри. Потонатата подморница е во релативно добра состојба, со затворени отвори и повлечен перископ, што покажува дека била во длабоко нуркање во моментот на нејзината неволја и на крајот никогаш не се појавила повторно.
Тимот пронашол некои докази што би можеле да откријат зошто подморницата исчезнала. Оштетениот преден дел покажува знаци на експлозија, но засега не е познато дали надворешен или внатрешен извор ја предизвикал штетата, која сепак била доволно голема за да ги испрати подморницата и нејзината екипа на дното. Нуркачкиот тим е во контакт со експерти за да се утврди што, всушност, се случило.
„ХМС триумф“ исплови во 1938 година и заврши повеќе од 20 тајни мисии за време на нејзината кратка „кариера“. Тие мисии вклучуваа противбродски операции во Средоземно Море, меѓутоа, таа е најдобро позната по улогата во специјалните операции, вклучувајќи и спасување на сојузничките трупи во Северна Африка и поддршка на грчките борци на отпорот. Во 1941 година, подморницата извршила различни мисии, меѓу кои бил и транспортот на капетанот Бил Хадсон, британски офицер за специјални операции, кој тајно пристигнал на пристаништето Петровац на Јадранско Море. Целта на оваа мисија беше да им се помогне на југословенските партизани.
Нејзината последна мисија била планирана за 9 јануари 1942 година и била да ги спасува воените заробеници од Антипарос, но подморницата никогаш не пристигнала. На пат, таа спроведувала противбродски активности, што можеби и било последен чин пред да исчезне. Ова е поткрепено со откривањето голем број торпеда во близината, кои подморницата би ги користела во тој период од војната.
– Верувам дека во подморницата се наоѓаат 64 херои, бидејќи тие беа во длабоко нуркање со затворени отвори. „ХМС триумф“ мора да се третира со почит, како што заслужува една поморска воена гробница – рече членот на тимот, Рена Јатропулу Токтаридес.