„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата раскази „Оган во снегот“ од современиот хрватски писател Лука Вукушиќ, за која авторот е добитник на наградата „Славиќ“ на Друштвото на хрватските писатели за 2018 година за најдобра дебитантска авторска книга во 2017 година. Преводот од хрватски на македонски јазик е на Елена Саздовска.
Расказите во збирката претставуваат еден вид впечатоци, кратки слики извлечени од сеќавањето или од секојдневниот живот, често обоени со тага или носталгија, чувство на осаменост, но и топлина на малите животни радости и убавина што може да се види во обичните работи. Не обидувајќи се да го шокира или забавува читателот со неочекувани ликови или заплет, ова е збирка со тивки, медитативни приказни, често со лирска атмосфера.
Во образложението за наградата „Славиќ“ пишува: „Иако многу од прозните текстови изгледаат како случајни записи во приватен дневник, тие се богати со внатрешен, длабоко личен одраз на чувствителен набљудувач и се полни со наративно ткиво во кое се одвива чувствителното филтрирање на душата на надворешната појавност.“
Лука Вукушиќ (1981, Пореч, Хрватска) е дипломиран класичен филолог, автор на голем број стручни трудови и написи на историски, архивски и литературни теми, а освен тоа е и преведувач од новогрчки и старогрчки јазик. Дипломирал на Катедрата за класична филологија на Филозофскиот факултет во Загреб. Работел како архивист во Хрватскиот државен архив, а од 2008 година до денес работи како извршен уредник во „Матица Хрватска“. Објавил неколку преводи од новогрчки, старогрчки и од латински јазик.