По неколку месеци големо исчекување, објавен е првиот трејлер за суперхеројскиот филм на Марвел, „Тор: љубов и гром“. Ова е четврти филм за Тор Одинсон, богот на громот, кој уништува сѐ пред себе со својот голем чекан. Како и многу успешниот трет дел од оваа сага „Тор: Рагнарок“ (2017), и ова продолжение го режираше Таика Ваитити, додека Крис Хемсворт повторно е во улогата на главниот лик.
По настаните прикажани во филмот „Одмаздници: завршница“ (2019), Тор се обидува да го најде својот внатрешен мир, но неговата заслужена пензија е уништена од големиот негативец по име Гор, кој има само една цел пред себе – да ги истреби сите богови. За да го спречи, Тор бара помош од кралицата на Њу Асгард Валкири, Корг, чуварот на галаксијата, и од неговата поранешна девојка Џејн Фостер, која, верувале или не, во меѓувреме стана наследничка на Тор и сега таа управува со магичниот чекан мјолнир.
Покрај Хемсворт, во филмот играат и Кристијан Бејл, Теса Томпсон, Крис Прат, Натали Портман, Карен Гилан, Џејми Александер, Шон Ган, Бредли Купер и Вин Дизел.