Децата на Мајкл Џексон, Парис (23), Принс (24) и Бленкет (19), со своето присуство на премиерата во њујоршкиот театар „Нил Сајмон“, го поддржаа бродвејското шоу посветено на татко им.
Новата претстава го следи животот на кралот на поп-музиката, кого го глуми новодојденецот на Бродвеј, Мајлс Фрост, додека се подготвува да ја почне својата сега веќе легендарна светска турнеја „Дејнџероус“, која траеше од 1992 до 1993 година, а на која заработи 140 милиони долари од 69 концерти.
И покрај тоа што навести дека ќе се откаже од турнејата, Џексон реши да го следи објавувањето на својот четврти соло-албум со серија концерти, за да собере средства за неговата фондација „Хил д ворлд“.
Пејачот ја основа добротворната организација во 1992 година, за да обезбеди лекови за децата и да се бори против гладот во светот, како и против бездомништвото, експлоатацијата на децата, како и нивната физичка и сексуална злоупотреба, а целиот профит од турнејата го донира во фондацијата.