Награда за карикатуристот Блаже Докуле во Сеул

Познатиот македонски карикатурист Блаже Докуле деновиве се закити со награда на 13. Фестивал на карикатури „Сицацо“ во Сеул, Јужна Кореја.
Тоа е 11-та награда за Докуле на овој фестивал, на кој учествуваа карикатуристи од над 60 земји во светот. Во каталогот за фестивалот се објавени две негови карикатури.
Блаже Докуле има зад себе богата 50-годишна кариера во цртање карикатури. Автор е на десетици илјади карикатури објавени во над 40 домашни и странски весници, има освоено над 50 награди и учества на повеќе од 200 меѓународни и домашни фестивали на карикатурата. Најдолго се задржал во „Битолски весник“, каде што постојано црта и пишува афоризми веќе 50 години.
– Во мојата кариера сум добил многу награди, но наградата од Сеул особено ме израдува, бидејќи е освоена во конкуренција на светски познати имиња. Тема на фестивалот беше „Топло-ладно“ – вели Докуле.
За него карикатурата е жанр преку кој на наједноставен начин ги изразува своите мисли, ставови, чувства…
– Моето чувство за хумор, иронија и сарказам е сосема природно. Уште многу млад, во далечната 1971 година моите братучеди ми носеа списанија од Србија, „Весели свет“ и „Јеж“, каде што имаше карикатури од Ласалви, во тоа време еден од најпознатите карикатуристи за еротска карикатура. Тогаш почнав да цртам, а мојот професор по ликовно, карикатуристот Панде Петровски, ме научи на првите потези. Најпрво беше еротска карикатура, подоцна и новинарска, портретна, политичка. Тоа беше златен период за карикатуристите, имаше подем на карикатурата во бивша Југославија. Конкуренцијата беше голема. Во Македонија специјализираниот весник за хумор и сатира „Остен“ беше еден од најпродаваните, се чекаше во редици да се купи, па дури и се фотокопираше. За жал, сега ситуацијата е сосема поинаква. Со згаснувањето на голем број печатени медиуми во Македонија, згасна и карикатурата кај нас – вели Докуле.

Веќе половина век црта за „Битолски весник“, еден од ретките печатени медиуми што во секој број има специјализирана страница за хумор и сатира, а во секој број објавува и т.н. дежурна карикатура, на актуелни теми од неделата. За него карикатуристите се витези на доброто, тие можат да ја казнат неправдата, да ги обелоденат гревовите и сами да се казнат, но никогаш не за долго, тие се посебни личности, индивидуалци, неконформисти, со остра интелегенција. Многу личности од светот на карикатурата му биле инспирација и идоли.
– На прво место е мојот колега и пријател, главен уредник на весникот „Остен“, Глигор Костов-Гиш, потоа Ото Рајзингер од Хрватска, со кого се дружев во Загреб и од кого научив многу работи, а тука се и битолските карикатуристи: Живко Козар, Миле Милевски, Страчковски, Спиро Џајко и, секако, мојот прв учител Панде Петровски – вели тој.
Докуле особено го загрижува тоа што нема нови млади карикатуристи. Тој би сакал да инспирира талентирани деца и размислувал за формирање школа за карикатура. Планира голема изложба за јубилејните 50 години, има готови неколку книги пред печат, сака да поттикне фестивал за хумор и сатира во Битола…