Нега и убавина
Празничната атмосфера е секаде околу нас, сите се расположени и се радуваат на новата година и на новитетите што ги носи. Во светот на маникирот, најновиот тренд ги одушеви жените. Ако сѐ уште не сте се одлучиле за празничен маникир, вистинско време е да изберете „тип енд микс“, кој комбинира различни трендови за ултраелегантен изглед на ноктите. Всушност, ова е мала надградба на стариот француски маникир, кој сѐ уште е омилен кај припадничките на понежниот пол.
Доколку француската верзија веќе ви здодеа, можете да ја употребите оваа техника за да донесе разноликост на вашите нокти. За овој тренд се потребни само една боја, креативност и фантазија.
Главната идеја на овој дизајн е да избереме боја и да ја нанесеме различно на секој нокт. На некои нокти ставаме боја само на врвот, а на другите целосно. Најдобар начин за почеток е прво да го обоиме ноктот што ќе биде целосно прекриен со боја. А потоа другите нокти ги лакираме во стилот на францускиот маникир.
Со овој тренд, и наједноставниот маникир ќе добие вистинска надградба, особено во темносина, темнозелена и црвена боја. Можете да употребите и светкав лак: сребрен, златен или со мала доза на сјај на врвовите, одличен додаток за новогодишната ноќ.