Подготовките за новото, 13-то издание на најголемиот летен музички фестивал во Македонија, „Д фестивал“, се започнати. Оваа година тридневното фестивалско доживување ќе се случува од 30 јуни до 2 јули, со возбудлив репертоар, кој допрва ќе биде откриен, а веќе официјално се отворени повиците за пријавување на заинтересираните учесници во различните програмски сегменти на фестивалот.
– Пред секое ново издание, „Д фестивал“ повикува заедно да ја изградиме приказната на еден од омилените фестивалски викенди во годината. Сите заинтересирани ќе ја имаат таа можност и оваа година, преку пријавување на отворен повик да бидат избрани да бидат дел од неа. Според своите интереси и желба како сакаат да учествуваат на фестивалот, повикот е отворен во три категории: креативци, музичари и волонтери. Репертоарот на „Д фестивал“ вклучува богата дневна програма, со разновидни активности, кои под едно име ѝ припаѓаат на зоната „ПлоштАрт“. Таа зона е мултимедијален центар во срцевината на фестивалот, каде што се добредојдени сите креативни идеи. Тоа ги вклучува сите здруженија, индивидуалци, уметници, аниматори, активисти или ракотворци што сакаат да ги претстават своите дела – велат организаторите.
Приоритет на музичката програма на фестивалот секогаш се новите изведувачи од домашната музичка сцена.