Иако селото е со малку жители и речиси без добиток, носталгичните староседелци ќе ѝ го вратат стариот сјај на својата воденица, една од малобројните во општината
Селото Свињишта, Кичевско, надалеку познато по минералните извори, сега ќе биде познато и по обновената воденица, стара околу еден век, која под забот на времето е значително оштетена. Но благодарение на амбициозните домаќини, таа целосно ќе се реконструира и за неполни два месеца, како некогаш, повторно ќе меле брашно.
Иако селото е со малку жители и речиси без добиток, носталгичните староседелци ќе ѝ го вратат стариот сјај на својата воденица, една од малобројните во општината.
– Со средства обезбедени како донација од Германија целосно ќе ја обновиме селската воденица, која датира уште од 1930-тите години. Веќе е набавен дел од материјалот што ќе биде вграден во овој објект, а од почетокот на наредната недела ќе започнат реконструкциските зафати и за околу два месеца селската воденица ќе блесне со нов сјај. Ќе бидат поставени и нови воденички камења, ќе се оспособи и јазот од каде што ќе се носи вода до самата воденица. Целосно подновената воденица ќе почне да меле брашно како во минатите добри времиња – рече Боро Трајаноски, еден од најангажираните жители на селото околу оваа реставрација.
Тој наведе дека до самата воденица води пат на кој неодамна се поставени бекатон-плочки, кои овозможија и кај изворите да нема кал како што тоа беше случај порано. Иако воденицата нема да има многу работа, сепак, заедно со минералните извори може да се претвори и во туристичка атракција бидејќи на оваа локација доаѓаат по вода граѓани од повеќето градови во земјава.
Зоран Антоски