Астрономите открија планета за која веруваат дека е покриена со активни вулкани и која би можеле да содржи вода на дел од својата површина. Станува збор за планетата означена како ЛП 791-18 д, оддалечена околу 90 светлосни години од Земјата, сместена во соѕвездието Пехар, која по големина одговара на нашата планета. Таа орбитира околу црвено џуџе со синхроно вртење, што значи дека планетата нема циклус ден-ноќ како Земјата. Наместо тоа, еден дел од планетата постојано се „пече“ од сончева светлина, додека другиот е секогаш во темница.
– Денот е веројатно премногу жежок за да постои течна вода на површината, но количеството на вулканска активност што мислиме дека се случува на целата планета може да ја одржи атмосферата, што би можело да дозволи водата да се кондензира на ноќната страна – рече Бјорн Бенеке, еден од астрономите што ја проучувале планетата.
Системот ЛП 791-18 содржи најмалку две други планети, наречени ЛП 791-18 б и ЛП 791-18 ц, а онаа означена со „ц“ е два и пол пати поголема од Земјата и има над седум пати поголема маса. Исто така влијае на орбитата на планетата ЛП 791-18 д, која патува по елипсовидна патека околу сонцето на овој систем. Таа траекторија значи дека планетата ЛП 791-18 д всушност се деформира секогаш кога ќе заврши орбита.
Според американската вселенска агенција НАСА, овие деформации можат да создадат доволно внатрешно триење за значително да ја загреат внатрешноста на планетата и да произведат вулканска активност на нејзината површина.
– Големо прашање во астробиологијата, областа што го проучува потеклото на животот на Земјата и пошироко, е дали тектонската или вулканската активност е неопходна за животот. Покрај потенцијалното создавање атмосфера, овие процеси можат да исфрлат материјали што инаку би потонале и би останале заробени во кората, вклучувајќи ги и оние за кои мислиме дека се важни за животот, како што е јаглеродот – вели коавторот на студијата Џеси Кристијансен.
НАСА, ЕСА и ЦСА веќе планираат да ги користат ИР-инструментите на вселенскиот телескоп „Џејмс веб“ за да ја проучуваат планетата ЛП 791-18 ц. Тимот што ја откри планетата ЛП 791-18 д ја смета егзопланетата за извонреден кандидат за атмосферско проучување.