Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кривичниот суд попладнево, по сослушување на осомничените во случајот за проневера во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), одлучи на три лица да им биде определен притвор од 30 дена, додека на петмина им е изречен куќен притвор.

Во 30-дневен притвор одат поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиевски, како и уште две лица со иницијали О.М. и Ѓ.Ч.

Куќен притвор им е определен на Н.Л., И.П., И.Ш., С.Т. и К.А., додека мерки на претпазливост се изречени за Т.П., Ј.Д., Д.Ј. и Е.Н.

Од Кривичниот суд соопштија дека дополнително ќе одлучуваат за мерките за пет лица кои се во бегство – за двајца се бара притвор, а за тројца мерки на претпазливост.

Во истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се опфатени 18 лица, од кои 12 беа приведени. Обвинителството за осум лица бараше притвор, а за четворица мерки на претпазливост. Сите се осомничени за проневера од над 180 милиони денари во ФФМ.

Како резултат на повеќегодишна предистражна постапка, вчера беа спроведени претреси на повеќе локации во Скопје, во координација меѓу Финансиската полиција и Министерството за внатрешни работи.

Акцијата следи по претходна кривична пријава против лица поврзани со ФФМ и повеќе правни субјекти, за кои постои сомнение за повеќе кривични дела и проневера од околу 2,4 милиони евра.