Фото: ЕПА

Бугарскиот премиер Румен Радев на својот прв состанок на Европскиот совет во оваа функција испрати јасна порака дека Софија е подготвена да стави вето на предложениот 21. пакет санкции на Европската Унија против Русија доколку рускиот православен патријарх Кирил остане на санкциската листа, пренесе „Ројтерс“.

Како што пренесува бриселскиот портал „ЕУаливе“, Радев пред новинарите во Брисел изјавил дека не смее да се мешаат политиката и религијата, повикувајќи се на историските и духовните врски меѓу бугарскиот и рускиот православен народ.

 – Ерата на крстоносните походи е завршена – изјави Радев, нагласувајќи дека неговиот став не се однесува лично на патријархот Кирил, туку на улогата на Руската православна црква во историскиот контекст на бугарското ослободување од Отоманската империја.

Бугарскиот премиер предупреди и на можни економски последици за земјата, посочувајќи го влијанието врз работењето на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас, снабдувањето со резервни делови за софиското метро, увозот на ѓубрива и функционирањето на нуклеарниот сектор.

Предложениот 21. пакет санкции опфаќа мерки насочени кон енергетскиот сектор, таканаречената „флота во сенка“ и повеќе истакнати личности, меѓу кои и патријархот Кирил. Поради несогласувањата меѓу земјите-членки, усогласувањето на пакетот се очекува да продолжи во текот на јули.

И покрај резервите околу новите санкции, Бугарија не го блокираше поширокиот консензус во Европскиот совет. Лидерите на ЕУ усвоија заклучоци поврзани со Украина, европската одбрана и безбедност, како и продолжување на постојните санкции против Русија.

Радев истовремено ја потврди поддршката на Софија за продолжување на пристапните преговори на Украина со Европската Унија.

Состанокот во Брисел беше одбележан и со несогласувања околу пристапот кон Москва. Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц се спротивставиле на неформалните контакти со Кремљ иницирани од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оценувајќи дека евентуалните разговори со Русија треба да бидат координирани од Франција, Германија и Обединетото Кралство.