Лидерите на Европската Унија најавија дека во октомври 2026 година ќе одржат стратешка дискусија посветена на проширувањето на Унијата и неопходните реформи, во услови на обновен импулс во пристапниот процес.
Во заклучоците од состанокот на Европскиот совет, одржан на 18 и 19 јуни во Брисел, се посочува дека дискусијата ќе се одвива во контекст на новата динамика во процесот на проширување и врз основа на принципите утврдени со Декларацијата од Гранада, пренесе МИА.
Во делот посветен на Западен Балкан, Европскиот совет го поздравува Самитот ЕУ – Западен Балкан, одржан на 5 јуни во Тиват, оценувајќи дека средбата придонела за дополнително зајакнување на процесот на проширување.
Европските лидери повторно ја потврдуваат поддршката за земјите од регионот и нагласуваат дека Унијата ќе продолжи тесно да соработува со нив и да ги поддржува реформските процеси неопходни за членство.
Во заклучоците се наведува и дека ЕУ останува посветена на постепената интеграција на земјите од Западен Балкан, при што напредокот ќе продолжи да се темели на принципот на заслуги и исполнување на критериумите, со можност процесот да биде реверзибилен доколку дојде до назадување во реформите.


































