Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го објави најновото ажурирано издание на Регистарот на е-трговци, со цел да им овозможи на граѓаните полесно да проверат од кого купуваат пред да извршат онлајн-плаќање.
Според податоците на Народната банка, во 2025 година во земјава биле регистрирани 1.829 места на продажба за е-трговија, од кои 1.396 биле активни, односно реализирале најмалку една трансакција во текот на годината.
Регистарот претставува единствена база на домашни онлајн-продавачи што нудат плаќање со платежни картички и се ажурира во соработка со петте банки што процесираат електронски трансакции – Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка, Халк банка и УНИ банка.
Во најновото издание се евидентирани 1.374 активни е-продавници распределени во 25 категории. Најзастапени се продавниците за козметика и производи за убавина (115), облека, обувки и модни додатоци (100), храна и пијалаци (87), бела техника и електроника (86), туризам (81), веб-услуги и дигитални содржини (73), едукација (71), како и дом, мебел и градина (61).
Од АЕТМ посочуваат дека структурата на понудата покажува дека домашната е-трговија повеќе не е ограничена само на традиционалните категории, туку сè поголемо место заземаат услугите, туризмот, образованието и дигиталните производи.
Дополнително, податоците покажуваат дека е-трговијата во Македонија продолжува да расте. Во 2025 година вкупната вредност на онлајн-трансакциите достигнала 950 милиони евра, што е за 32 проценти повеќе во однос на претходната година. Од оваа сума, 522 милиони евра биле реализирани кај домашните е-трговци.
Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска-Станков, оценува дека трендовите укажуваат на зреење на дигиталната економија и проширување на навиките за онлајн-купување кај граѓаните.
Регистарот има и важна улога во заштитата на потрошувачите, бидејќи им овозможува да проверат дали продавачот е регистриран правен субјект и дали користи интегриран систем за онлајн-плаќање преку банка. Истовремено, тој придонесува и за намалување на сивата економија преку поголема транспарентност на пазарот.
Регистарот е јавно достапен и може да се пребарува по УРЛ-адреса, правен субјект или категорија на е-продавница.

































