Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зголемувањето на основната каматна стапка на Народната банка на Македонија (НБРМ) како повод

Кога централните банки се соочуваат со растечка инфлација, нивниот најчест инстантен одговор е зголемување на каматните стапки. Таков е и најновиот потег на Народната банка, која ја зголеми основната каматна стапка и сега изнесува 4,25 проценти. Со потегот, иако со минимален раст, целта е „преку поскапувањето на кредитите, да биде намалена и потрошувачката, а со тоа да се забави растот на цените“.

Во таа смисла, гувернерот на НБРМ, Трајко Славески, недвосмислено порача дека „подобро е да има повисоки каматни стапки отколку растечка инфлација“. Тој став е точен и како таков доминира во современото централно банкарство и теориски и практично, кога многу земји водат битки со инфлацијата.

Но аспектот што ќе се обидеме во продолжение да го разгледаме низ брифинзи и со домашни, а уште повеќе со економисти од Европа, некои вработени и во делот од финансиските институции на ЕУ, е дали овој инструмент како прво е доволен и второ дали споменатиот инструмент секогаш е најсоодветен.

Имено, според сите наши соговорници, се издвојува становиштето дека „сè поголем број економски аналитичари и видни професори предупредуваат оти инфлацијата во 21 век често има поинаква природа од онаа што ја познававме во минатото“.
Тоа значи дека наместо да биде последица на прекумерна домашна побарувачка, таа сè почесто е резултат на глобални шокови, како што се енергетски кризи, прекини во синџирите на снабдување, геополитички конфликти, недостиг од суровини и растечки транспортни трошоци. Во такви услови, лекот од повисоките каматни стапки понекогаш може да предизвика и несакани последици.

Внимателно, „лекот да не стане товар“

Точно дека основната идеја зад повисоките камати е едноставна. Ако кредитите станат поскапи, граѓаните помалку ќе купуваат, компаниите помалку ќе инвестираат, а економската активност ќе забави. Со намалена побарувачка, притисокот врз цените треба да ослабне. Теоретски, ова функционира. Но, рака на срце, има некои ефекти и во пракса. Но исто така, во таа сложена пракса, особено во мали економии зависни од увоз, ефектот не е секогаш толку јасен.
– Ако цената на лебот расте затоа што поскапела пченицата на светските пазари, ако струјата поскапува поради енергетска криза или ако транспортот е поскап поради воени конфликти, тогаш повисоките камати нема да ги намалат овие трошоци. Тие ќе направат нешто друго: ќе ги поскапат инвестициите. Компанијата што планирала нова фабрика ќе ја одложи инвестицијата. Земјоделецот ќе земе помалку кредит за механизација. Градежниот сектор ќе има помалку нови проекти. Малите и средните претпријатија ќе се соочат со поскап пристап до капитал. Така, економијата добива послаба инфлација, но и послаб раст – велат нашите соговорници, професори на Економскиот факултет на УКИМ.

Кус осврт на неколку става на нобеловецот Џозеф Стиглиц во врска со предизвикот на воведување повисоки каматни стапки против инфлацијата

Токму во тој контекст, нобеловецот Џозеф Стиглиц е меѓу најгласните критичари на идејата дека секоја инфлација мора да се решава исклучиво преку повисоки каматни стапки.

Според него, кога инфлацијата е предизвикана од проблеми на страната на понудата – енергија, храна, логистика или монополска моќ – тогаш агресивното зголемување на каматите може да создаде непотребна економска штета.

Стиглиц тврди дека ваквите мерки можат да ја намалат економската активност без значително да влијаат врз вистинските извори на инфлацијата.

Неговата поента е дека не секоја инфлација има иста причина, па затоа не секој лек треба да биде ист.

Некои ставови и на Пол Кругман

Друг нобеловец, Пол Кругман, со години предупредува дека економската политика не смее механички да се применува. Според него, централните банки мора да прават разлика помеѓу „економија што се прегрева поради прекумерна побарувачка“ и „економија што трпи ценовни шокови однадвор“. Во првиот случај високите каматни стапки имаат силна логика. Во вториот е потребна поширока „комбинација од политики“.

Кои размислувања ни ги презентираа нашите соговорници, економисти од Брисел, вработени во финансиски институции на ЕУ

1. Повеќе производство, помалку инфлација

Најдолгорочниот и најздрав начин за намалување на инфлацијата е зголемување на производството! Кога економијата произведува повеќе стоки и услуги, понудата расте, а притисокот врз цените се намалува.

За Македонија тоа би значело:
• поголемо домашно производство на храна;
• модернизација на земјоделството;
• индустриски инвестиции со висока додадена вредност;
• поддршка на извозно ориентирани компании;
• намалување на административните бариери.
Ова е потежок пат од едно зголемување на каматната стапка, но неговите ефекти се подолготрајни.

2. Енергетска независност!

Голем дел од инфлацијата во Европа во последните години беше поврзан со енергијата. Кога струјата и горивата поскапуваат, речиси сите производи стануваат поскапи.
Затоа соговорниците тврдат дека инвестициите во домашно производство на електрична енергија, односно енергетска ефикасност, не се само „развојна политика“. Уште повеќе, тие се и антиинфлаторна политика! Секоја земја што ја намалува зависноста од увезена енергија станува помалку ранлива на идни инфлаторни шокови.
3. Подобра координација со владата

Според експертите во ЕУ, централните банки не можат сами да ја добијат битката против инфлацијата. На пример, според нив, доколку Народната банка ги зголемува каматите, а државата истовремено го зголемува дефицитот и троши агресивно, ефектите можат да се неутрализираат. (Тие патем споменуваат и дека „затоа ММФ сè почесто зборувала за координација помеѓу монетарната и фискалната политика“.)
Намалувањето на непродуктивните расходи, подобрата наплата на даноците и насочувањето на јавните инвестиции кон продуктивни проекти можат да помогнат во намалувањето на инфлацијата без директен удар врз приватниот сектор.

4. Таргетирана поддршка наместо општа помош

Кога инфлацијата расте, политичкиот притисок за државна помош е огромен.
Но странските економисти предупредуваат дека универзалните субвенции често ја зголемуваат побарувачката и дополнително ја хранат инфлацијата.
Многу поефикасно е помошта да биде насочена кон најранливите категории на граѓани. Така се ублажуваат социјалните последици без дополнително загревање на економијата.

5. Конкурентност, но и конкуренција наместо монополи

Во последните години сè повеќе економски истражувања покажуваат дека дел од инфлацијата е поврзан со растечките профитни маржи на големите компании. Кога на пазарот има мал број играчи, тие полесно ги зголемуваат цените. Затоа борбата против инфлацијата може да вклучува и:
• посилна заштита на конкуренцијата;
• спречување картелско однесување;
• полесен влез на нови компании;
• намалување на административните привилегии.
Оваа политика ретко се спомнува во јавноста, но може да има значителни ефекти врз ценовната динамика.

Што треба да биде целта? Прашање и одговор на соговорниците…

Најголемата грешка би била „инфлацијата и економскиот раст да се претстават како непомирливи непријатели“! Стабилните цени се важни. Но исто толку се важни и инвестициите, продуктивноста, вработувањето и индустрискиот развој.
– Успешните економии не избираат помеѓу едното и другото. Тие бараат рамнотежа. Затоа вистинското прашање не е дали Народната банка треба да се бори против инфлацијата. Секако треба да се бори со сите расположливи средства, но еден интегрален приод наизглед е посложен и потежок, но е долгорочно најефикасен. Еден таков трпелив, долгорочен пристап во борбата против инфлацијата треба да се води само преку поскапи кредити или преку поширока стратегија што ќе ги вклучи производството, енергетиката, конкуренцијата, фискалната дисциплина и структурните реформи. И современата економска мисла сè почесто го дава вториот одговор. А токму таму можеби се наоѓа и најдобриот пат за Македонија – ниска инфлација, но и силен економски развој (must be done) – велат нашите соговорници, странски економски и финансиски експерти. Е.Р.