Вселенскиот телескоп Џејмс Веб ја забележа најоддалечената неактивна црна дупка во познатиот универзум, скриена во галаксија оддалечена повеќе од 10 милијарди светлосни години од Земјата. Новооткриената црна дупка се наоѓа во галаксијата MRG-M0138 и го надминува претходниот рекорд за растојание за вакви објекти дури за 15 пати, според студија објавена во списанието „Сајанс“. Проучувањето на ваквите црни дупки, формирани во раната историја на 13,8 милијарди години стариот универзум, ќе им обезбеди на истражувачите најдетален увид досега во тоа како овие објекти еволуирале кога универзумот сè уште бил млад. Научниците се сомневаат дека во оваа галаксија некогаш постоел квазар – екстремно светол и суперголем објект, кој растел многу брзо. На крајот исфрлил огромно количество гас потребно за раѓање нови ѕвезди, што нагло го прекинало процесот и ја оставило црната дупка без извор на гориво.
Покрај самиот процес на гаснење на ѕвездите, истражувачите успеале да ја одредат масата на оваа црна дупка. Таа е неверојатни шест милијарди пати поголема од масата на Сонцето. Мерењето на овој космички џин беше огромен предизвик. Бидејќи црната дупка е во мирување и не е во интеракција со гасот околу неа, таа е целосно невидлива на сите бранови должини на светлината. За да ја одреди нејзината маса, тимот морал да примени техника на ѕвездено следење што обично се користи за галаксии многу поблиску до Земјата, но овој пат со помош на гравитациска леќа. Научниците ја искористија позицијата на друга галаксија, која е веднаш помеѓу MRG-M0138 и Земјата. Нејзината гравитација е толку моќна што ја свиткува светлината на објектите зад неа и дејствува како природна лупа, зголемувајќи ја сликата на целната галаксија за околу 30 пати. Тоа им овозможи на истражувачите да го следат движењето на ѕвездите што орбитираат околу црната дупка, да ја анализираат нивната брзина и, врз основа на тоа, точно да ја пресметаат тежината на скриениот објект.


































