Фото: РКЕ

Граѓаните треба да добијат можност директно да инвестираат во големи енергетски проекти, наместо своите заштеди исклучиво да ги вложуваат во недвижности, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Ацо Ристов, пренесе МИА.

Говорејќи на тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста – Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“, организирана од Фајнанс Тинк, Ристов предложи граѓаните да можат да учествуваат во финансирањето на изградбата на хидроелектраната Чебрен преку модел на акционерско друштво.

 – Енергетиката не е привилегија само на државата, туку можност за сите. При реализација на стратешките објекти, освен класичното кредитирање, треба да се разгледа и можноста за воспоставување модел на акционерско друштво каде граѓаните ќе можат да бидат дел од проектот и да инвестираат во акции – истакна Ристов.

Тој оцени дека енергетската транзиција веќе е реалност и ја поздрави најавата на ЕСМ за изградба на когенеративна централа во Битола, оценувајќи ја како јасен чекор кон постепено намалување на зависноста од фосилните горива.

Ристов посочи дека следниот важен предизвик е развојот на електричната мобилност. Според него, додека во многу развиени земји уделот на е-мобилноста надминува 50 проценти, во Македонија тој изнесува околу еден процент.

 – Тоа е област на која мора сериозно да се работи, бидејќи претставува иднината на транспортот. Како регулатор веќе подготвуваме регулатива што ќе создаде услови за побрз развој на е-мобилноста – рече Ристов.

Осврнувајќи се на јаглеродната такса и европските механизми за декарбонизација, тој нагласи дека домашниот енергетски сектор ќе мора да направи јасна разлика меѓу производството од обновливи извори и производството базирано на фосилни горива, со цел да остане конкурентен на европскиот пазар