Светот е сцена

Шведскиот режисер Рубен Остлунд е претседател на жирито на актуелниот Кански филмски фестивал, кој ќе трае до 27 мај. Од неговиот успех со освојувањето на посакуваната „златна палма“ по вторпат минатата година, со неговиот повеќекратно награден „Триаголник на тагата“, Швеѓанецот го предводи панелот, 50 години по неговата сонародничка Ингрид Бергман. Инаку, таа беше заштитно лице на Канскиот филмски фестивал во 2015 година, како потсетување на нејзиното претседателствување со жирито децении претходно. Во нејзина чест и по повод 100 години од нејзиното раѓање беше прикажан дотогаш необјавениот документарен филм со наслов „Со нејзини зборови“, на Стиг Бјоркман, во рамките на одделот „Кански класици“.

Инаку, по Френсис Форд Копола и Емир Кустурица, Остлунд станува третиот двократно наградуван режисер што станал претседател на жирито и првиот што ја презел оваа улога годината по неговото крунисување.
– Среќен сум, горд и понизен што ми е доверена честа да претседавам со жирито на годинашниот филмски фестивал во Кан. Ниту едно друго место во светот не буди таква желба за кино кога се крева завесата на филм во конкуренција. Каква шанса да се биде таму со овие познавачи што се посетители на фестивалот во Кан. Искрено верувам дека филмската култура минува низ клучен период. Киното е единствено. Ние го споделуваме. Гледањето заедно бара повеќе од она што се прикажува и го засилува искуството. Тоа ни дава нешто толку различно од допаминот што се лачи со лизгањето на поединечните екрани – изјави Остлунд по назначувањето.
Хипнотичкиот ефект на мобилната модерна технологија е тема на која Остлунд честопати се осврнувал во и надвор од својата работа на големиот екран, така што неговото претседавање со жирито би можело да сигнализира нешто за кинематографските пуристи. Во само шест долгометражни филма, режисерот има две селекции на „Ун сертен регард“, од кои ја доби наградата на жирито во 2014 година, пред да дебитира во конкуренција. Веднаш штом беше вклучен, двапати му беше доделена „златната палма“. Прво за „Плоштад“ на 70. Кански филмски фестивал, потоа за неговиот следен филм „Триаголник на тагата“, награден минатата година.
Неговиот следен краток филм е „Автобиографска сцена број 6.882“, кој ги содржи сите состојки на неговото идно дело, кои се афирмирани во „Среќна Шведска“.
– Како претседател ќе ги потсетам моите колеги од жирито за улогата на киното. Добриот филм се поврзува и со колективното искуство, поттикнува размислување и ве тера да разговарате за тоа. Значи, ајде да видиме филмови заедно – порача Рубен Остлунд.

Остлунд е роден на 13 април во 1974 година, во Гетеборг. Пред да се запише на филмски студии, снимал филмови за скијање за сопственикот на продуцентската куќа „Платформ продакшн“. Неговиот филм „Плоштад“ беше фаворит во конкуренцијата за американскиот „оскар“ за странски филм, а во Кан ја освои „златната палма“. Го нарекуваат и крал на срамот, бидејќи во своите филмови е опседнат со однесувањето на луѓето кога ќе ги обземе страв дека ќе се посрамотат.