Фото: Константин Калошев

Виолинистката Пламенка Трајковска на својот канал на Јутјуб, премиерно го претстави на јавноста спотот за „Ода на радоста“ , познатата тема од деветата симфонија на композиторот Лудвиг ван Бетовен.

Станува збор за класичен кросовер за гудачки инструменти и електронска музика, а видеоприказната, инспирирана од химната на Европа, како што се нарекува ова музичко парче, не случајно токму денес ја има својата премиерата.

Композицијата е снимана во музичкото студио „Кларион“, а миксот и мастерингот го нарави тон мајсторот Дејан Ангелевски. Видеото го снимаше Дејан Марковски во студио на почеткот на април, а фотосесијата ја направи фотографот Константин Калошев.

Во спотот покрај виолинистката Трајковска во гудачкиот квартет учествуваат и Сандра Крстевска на виолина, Милена Гиевска Андоновска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

Пламенка Трајковска од почетокот на годината настапи на концертот во Истанбул со наслов „Жените од светот “ со својата композиција „Ламенто вело“ и беше дел од проектот „Мојот град мојот глас“ .

Како композитор таа досега го има издадено албумот во кросовер „Апасионато“, музичкиот албум за деца „Карневалот на животните“, синглот „Светулки“, композициите „Твојот допир“, „Феникс“, „Воздишка за тебе“ и многу други остварувања.

Трајковска има реализирано и голем број на концерти во Македонија, а била дел и од најзначајните културни манифестации и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција Танзанија и Турција.

Пламенка е вработена како виолинистка во Филхармонија, а дел е и од „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Малите камерни состави креираат музички програми со класична музика и кросовер со мултимедијални елементи и музичка технологија.

Композицијата „Ода на радоста“ од Пламенка Трајковска е достапна преку сите онлајн музички мрежи.