Фото: Пиксабеј

„Опен АИ“, креатор на ЧетГПТ, ја отвори својата прва азиска канцеларија во Токио, Јапонија. Со овој потег, компанијата има намера да го прошири своето глобално присуство
– Возбудени сме што сме во Јапонија, место што има богата историја на зближување на луѓето и технологијата. Веруваме дека вештачката интелигенција ќе ја забрза работата и ќе ги охрабри луѓето да бидат покреативни и попродуктивни, истовремено обезбедувајќи вредност за сегашните индустрии, како и за новите што допрва треба да се измислат – рече извршниот директор Сем Алтман.
Компанијата го назначи Тадао Нагасаки за претседател на „Опен АИ“ во Јапонија. Токио беше избран поради неговото „глобално лидерство во технологијата, културата на услугата и заедницата што ги прифаќа иновациите“.
– Како прв чекор во нашата долгорочна посветеност на регионот, на локалните бизниси им овозможуваме ран пристап до моделот ГПТ-4 специјално оптимизиран за јапонскиот јазик. Овој приспособен модел нуди подобрени перформанси при преведување и компресирање јапонски текст, исплатлив е и работи до трипати побрзо од неговиот претходник – се наведува во соопштението.
Од компанијата наведуваат дека јапонските корпорации како „Даикин“ и „Тојота“, како и локалните власти, користат ЧетГПТ за да ја подобрат својата ефикасност. Алтман се сретнал со премиерот Фумио Кишида минатата година и наводно спомнал дека размислува да отвори нова канцеларија во Јапонија. Стартапот со вештачка интелигенција влезе во мејнстримот откако јавно го лансира четботот ЧетГПТ кон крајот на 2022 година.