Фото: Пиксабеј

Кога Наполеон првпат наишол на француското сирење камембер, според легендата, тој бил толку воодушевен што ја бакнал келнерката што го ставила пред него. Тоа се произведува во северозападниот француски регион Нормандија во различни форми од 18 век. Неодамнешните наслови за можноста за негово изумирање, заедно со габата од која ги добива своите специфични својства, предизвикаа заинтересираност кај љубителите на овој производ.
Во јануари, студија на научници од Универзитетот во Париз – „Саклај“ идентификуваше дека главната габа што се користи за создавање на камембер и други сирења е дефицитарна поради методите на индустриско производство што се користат за да се одржи побарувачката. Дали тоа значи дека камембер, француско сирење што се продава во сопствена дрвена кутија, оди во заборав?
– Сините сирења можеби се загрозени, но ситуацијата е многу полоша за камембер, кое веќе е на работ на истребување – се вели во извештајот на Францускиот национален центар за научни истражувања.
Проблем е Penicillium camemberti, габата за правење сирење што му ја дава белата кора на камембер и помага во развојот на богатиот вкус и арома. Оваа габа, велат научниците од „Саклај“, тешко се репродуцира како резултат на притисоците на индустриското производство.
Камембер и сличните сирења како бри порано лежеле во пештери или хали (сушачи), каде што се развивала мувлата што им давала сина или понекогаш жолто-кафеава кора. Денес, за разлика од пештерските габи, истражувачите откриле дека Penicillium camemberti има многу ниска генетска разновидност и намалена способност за репродукција.