РАКОМЕТ

Кадетите победија во првиот меч со Црна Гора

Машката кадетска репрезентација на Македонија славеше на првиот тест-натпревар со соодветната селекција на Црна Гора, со 28-20 (13-8), одигран на гости во Подгорица. Прв стрелец во црвено-жолтиот состав беше десното крило Јован Петрески со девет погодоци, четири реализира левото крило Марко Димовски, а по трипати мрежата ја погодија десниот бек Теодор Пецановски, централниот бек Дамјан Митев и левиот бек Филип Насевски. За вчера беше закажан и вториот пријателски меч помеѓу двете селекции. Овие натпревари се дел од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) летово во Црна Гора, а Македонија е во група со Германија, Франција и со Полска.
Машката сениорска репрезентација на Македонија, пак, вчера и денеска во романскиот град Браила е планирано да одигра два пријателски меча со Романија. Младинската селекција на Македонија во салата „Автокоманда“ во Скопје треба да ги одмери силите на два пријателски дуела со Хрватска, вчера и денеска, како подготовки за настап на ЕП во Словенија, годинава, каде што ривали на Македонија се Хрватска, Црна Гора и Австрија. Г.И.


ТЕНИС – ТУРНИР НА КИПАР

Ѓорческа се пласира во полуфиналето

Лина Ѓорческа се пласира во полуфиналето на тенискиот турнир што се игра во Ларнака (Кипар), по победата во дуелот од четврт-финалето со Ксенија Зајцева од Русија, со 6-2, 6-2, и освои и нови поени за напредок на ранг-листата на Женската тениска асоцијација (ВТА). За влез во финалето на турнирот што се игра на земјена подлога (вкупен награден фонд од 25.000 долари) македонската тенисерка треба да игра денеска, со Нурија Бранкачо од Италија. Н.М.


ОДБОЈКА

Финска кодомаќин на ЕП 2026

Финска им се придружи на веќе потврдените коорганизатори на Европското првенство во 2026 година за одбојкари, Бугарија и Романија, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата интернет-страница. Финска беше кодомаќин на ЕП во 2021 година, а претходно беше домаќин на Европското првенство во 1977 година за мажи и за жени и во 1993 година за мажи. Од изданието во 2019 година, европските првенства се одржуваат во четири земји (лани ЕП се играше и во Македонија) со учество на 24 репрезентации. Н.М.


КОШАРКА – НБА

Бостон прв се пласира во плејофот

Бостон е првиот тим што обезбеди пласман во плејофот сезонава во кошаркарската НБА-лига, по победата на дуелот со Феникс. Бостон постојано водеше во Источната конференција, освен шест дена сезонава, и не е симнат од првото место од 14 ноември минатата година, пишува НБА на својата интернет-страница. Плејофот почнува на 20 април.
Во Источната конференција, Милвоки е на второто место, пред Кливленд, Њујорк останува број четири по победата на дуелот со Портланд, пред Орландо. Филаделфија се пресели од шестото на седмото место, зад Индијана, а Мајами е на осмото место.
Во Западната конференција, Оклахома сега има 46 победи и 20 порази по победата против Далас, израмнувајќи се со Денвер за најдобар резултат на Западот и е на првото место поради тајбрејкот според меѓусебните дуели, пишува НБА. Лос Анџелес клиперс го задржа четвртото место по победата против Чикаго, со иста разлика зад третопласираната Минесота и пред петтопласираниот Њу Орлеанс. Шести е Сакраменто, Феникс останува седми по поразот од Бостон, а осми е Далас. Н.М.