Без разлика колку научниците го проучуваат човечкото тело, тие сепак наоѓаат нови, неистражени делови. Но тоа наскоро би можело да се промени. Како дел од пионерскиот проект, целото човечко тело, од органите до клеточните структури, беше мапирано со невидена прецизност на скала од еден микрон. Како дел од проектот „Атлас на човечки органи“ е поставен нов златен стандард во медицинското снимање. Вака научниците успеаја да ја покажат структурата на мозокот, срцето, белите дробови, црниот дроб, бубрезите и другите телесни системи со неверојатни детали и во три димензии.
Желбата на научниците е да демократизираат огромни количества научни податоци и да им овозможат на истражувачите, лекарите, едукаторите, но и на секој што сака да го запознае човечкото тело до најмалите делови, увид во она што досега било скриено. Техниката што ја развија за да ги забележат најситните детали се нарекува хиерархиска фазно-контрастна томографија и користи Х-зраци генерирани од честички со висока енергија што се движат во акцелератор на честички, кој е наречен исклучително брилијантен извор. Овие прецизни слики им овозможуваат на научниците да добијат нови сознанија за болести како што е остеоартритисот, а претходно ја користеле оваа техника за да откријат непознати патишта на развој на болести на микроскопско ниво. Во моментов нивниот атлас вклучува 89 органи и 370 тридимензионални збирки на податоци, собрани со снимање органи од 55 донори. Но, како што истакнуваат научниците, тоа е само почеток.
Лекарите на крајот ќе можат да проучуваат како одредена болест влијае на промените во телото, а податоците би можеле да се користат и за обука на модели на вештачка интелигенција. Имено, големите и висококвалитетни 3Д-збирки на податоци се ретки, што го ограничува развојот на напредни медицински системи за вештачка интелигенција, затоа атласот на човечки органи обезбедува рафиниран збир на податоци идеален за обука на модели за машинско учење за сегментација, откривање болести и анализа со суперрезолуција. Во исто време тој нуди моќни нови можности за медицинско образование и вклучување на јавноста, овозможувајќи им на сите да го истражуваат човечкото тело. Научниците истакнуваат дека со овој проект отвораат нов прозорец во внатрешната архитектура на човечкото тело.
































