Не сме сигурни точно колку луѓе имаат несоница – проценките се движат од 10 до 60 проценти од светското население – но уверени сме дека тоа е поврзано со неколку долгорочни здравствени проблеми, вклучувајќи депресија и кардиоваскуларни болести. Една нова студија покажува како луѓето со несоница може да ја направат својата состојба уште поисцрпувачка – со гледање во екранот на часовникот. Излегува дека ова може да ја влоши несоницата, да ја зголеми фрустрацијата и да доведе до поголема употреба на средства за спиење, пишува „Саенс алерт“.
Тоа е еден вид циклус на негативни повратни информации, открија истражувачите. Временскиот мониторинг ја влошува несоницата и нејзините придружни симптоми, што доведува до повторено следење на часовникот и така во недоглед.
-Луѓето се загрижени дека не спијат доволно, а потоа почнуваат да проценуваат колку време ќе им треба повторно да заспијат и кога треба да станат. Тоа не е вид на активност што е корисна за зајакнување на способноста за заспивање; колку повеќе сте под стрес, толку потешко ќе ви биде да заспиете – вели клиничкиот психолог Спенсер Досон од Универзитетот во Индијана, Блумингтон.
Досон и неговите колеги ги разгледаа податоците на 4.886 пациенти, кои пополнија прашалник во медицинскиот центар за спиење во Аризона: прашањата се однесуваа на степенот на нивната несоница, времето поминато во следење на сопственото однесување додека се обидуваат да спијат и земањето медикаменти за спиење.
Во податоците беше пронајдена силна поврзаност помеѓу сите три фактори. Оние со несоница и психијатриски состојби пријавиле повеќе гледање на часовникот и поголема употреба на помагала за спиење.
-Откривме дека следењето на времето има големо влијание врз употребата на лекови за спиење, бидејќи ги влошува симптомите на несоница – вели Досон.
Сепак, и фрустрацијата поради неможноста да се заспие, истакнаа истражувачите, е исто толку важна кога станува збор за справување со оваа непријатна состојба.
Истражувачите препорачаа специфични терапии – когнитивно реструктуирање или решавање на емоционалната обработка – за продуктивно ублажување на фрустрацијата, со што дополнително ќе се намали и употребата на лекови за спиење.
-Луѓето би можеле да си помогнат со тоа што ќе се свртат на другата страна, ќе го покријат часовникот, ќе го тргнат од раката паметниот часовник, ќе го однесат мобилниот надвор од спалната и на тој начин, едноставно ќе престанат да го проверуваат времето, со што шансите за победа над несоницата ќе бидат многу поголеми – заклучува Досон.