Фото: Приватна архива

Кики Рахимовски во Скопје се сретна со македонските новинари

Моето презиме Рахимовски за мене ќе биде обврска и поттик секогаш да гледам напред, да не се откажувам, вели Кики

Кики Рахимовски деновиве во Скопје ја промовираше својата нова песна „Киша је падала“, која заедно со баладата „Сузе небеске“, со која настапи на фестивалот „Белградска пролет“ ќе се најде на неговиот нов албум, што е во подготовка.

Музиката и текстот ги напиша самиот Кики, а за аранжманот се погрижија Саша Миочиќ и Елвис Сршен. Спотот се снимаше во студиото „Хангар“ во Загреб, а на Кики и на неговиот бенд им се придружи и атрактивната Амела Броз.

– Се надевам дека публиката ќе ја препознае песната како своја и ќе ја прифати дури и подобро од „Сузе небеске“ – вели Кики.

Тој е во Скопје, заедно со својот менаџер Саша Драгиќ, а нивната соработка почна неодамна, како што велат сосема случајно. Но, бидејќи и двајцата се перфекционисти, кои се долго во музиката, се надеваат на многу значајни проекти во иднина.

Вчеравечер Кики, во просториите на Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја прими и наградата што постхумно му беше доделена на неговиот татако Аки Рахимовски, легендарниот пејач на групата „Парни ваљак“, кој е роден скопјанец, за промовирање на Македонија во регионот.

Денешното неформално предновогодишно дружење со македонските новинари го отвори Иван Беќковиќ.

– Кики Рахимовски не е ново лице на регионалната музичка сцена, следната година одбележува 20-годишна успешна кариера. И покрај тоа што е син на легендарниот Аки тој чекори по својот музички пат. По оваа медиумска промоција тој рано изутрина заминува за Загреб, каде го подготвува новиот материјал со својот бенд. Сакам да ви го претставам и Саша Драгиќ, кој е присутен на естрдата повеќе од 40 години, освен што е одличен композитор и автор на бројни хитови, тој им бил менаџер на Бајага и Инструктори, на Жељко Самарџиќ, Рамбо Амадеус, групите „Партибрејкерс“, „У шкрипцу“, „Рибља чорба“… А еве ќе ви откријам и зошто се сретнавме денес тука во „Пелистер“. Токму овде им беше „штабот“ на „Парни ваљак“ за нивниот голем предновогдишен концерт во Скопје пред коронавирусот – рече поздравувајќи ги присутните Иван Беќковиќ.

Кики Рахимовски со македонските новинари/Фото: Приватна архива

Од своја страна Кики сите ги поздрави,велејќи дека во Скопје се чувствува како дома, сакано, опкружен секогаш со големо внимание и љубов.

– Би сакал да можев и порано, додека татко ми беше жив, да доаѓам во Македонија, но ете, така живот сакаше. Лани дојдов првпат и веднаш почувствував дека тука припаѓам. Секогаш се прашував зошто не доаѓав порано, ми беше тешко поради тоа. Пред коронавирусот, по излегувањето на албумот „Стопала“, насловен по истоимената песна, сѐ беше договорено, но пропадна поради пандемијата. Дури сакав да снимам и спот овде. Потоа татко ми почина, за мене тоа беше тежок период, ги преземав сите семејни обрски. Но ветувам, во иднина ќе ме гледате почесто, а следниот пат ќе дадам сѐ од себе тука и да запеам, да одржам концерт со мојот бенд – рече Кики Рахимовски.

Зборувајќи за својот татко, тој посочи дека во прво време ја немал неговата поддршка, се додека во 2016-та година не победил на возобновениот Загрепски фестивал.

– Татко ми не веруваше веднаш во мене, но јас бев упорен, постигнував успеси. По победата, таа 2016-та ми рече: „Е сега можам слободно да заминам, ти стана пејач“. Понекогаш се шегуваше дека јас имам поголема дарба, бидејќи ете, Господ ми дал и талент самиот да ги создавам своите песни, а тој само пеел. Многу ми недостасува, секој миг. Морам да кажам дека и покрај тоа што сите очекуваа дека јас ќе бидам новиот пејач на „Парни ваљак“, тоа не се случи, и покрај големиот притисок од обожавателите, затоа што јас имам свој пат по кој чекорам. Не сакам да облекувам туѓи чевли, па макар да се и од татко. Мислам дека и тој би се согласил со мојот животен избор. На двата концерти во загрепска арена јас настапив во чест на Аки. Беа тоа тешки моменти, имаше и солзи, но за мене тоа не беше никаков натпревар, кој ќе биде новиот пејач на бендот – вели тој.

Кики откри и дека негова најомилена песна од репертоарот на „Парни ваљак“ е „Немирно море“ од албумот „Будење“, еден од најквалитетните на бендот.

– Моето презиме Рахимовски за мене ќе биде обврска и поттик секогаш да гледам напред, да не се откажувам – посочи Кики.

Од своја страна Саша Драгиќ, менаџерот на Кики Рахимовски, откри дел од плановите.

– За голем концерт во Скопје и во регионот малку ќе почекаме, бидејќи и јас и Кики сме перфекционисти и сите коцки треба да се склопат за тоа да звучи одлично. Но, некои промоции, помали свирки, со неколку песни, ќе има наскоро, со промоција на новата песна „Киша је падала“. Во план се гостувања во Загреб, Белград, Сараево, Подгорица…, па и во Скопје. Кики е интересен како артист на настапи во живо и сакам да создадеме песни што ќе останат, што ќе се паметат. Инаку, јас сум многу врзан за Македонија, па ветувам, тој отсега ќе доаѓа тука почесто – рече Саша Драгиќ.