Фото: Пиксабеј

Астронаутите на американската вселенска агенција НАСА нема да имаат можност да чекорат по површината на Месечината барем до септември 2026 година.
Последен пат луѓето биле на Месечината во 1972 година, а благодарение на мисијата во рамките на програмата „Артемида“ на НАСА, тие се на пат да се вратат на површината на Месечината. Сепак, американската вселенска агенција ја одложи мисијата уште за една година, што значи дека астронаутите нема да патуваат на Месечината до септември 2026 година. Одложувањето на мисијата „Артемида III“ ќе ѝ даде на НАСА повеќе време да ја развие технологијата.
Агенцијата сè уште го нема леталото што ќе ги спушти астронаутите на површината на Месечината, ниту костимите што тие ќе ги носат. Во објавувањето на одложувањето, администраторот на НАСА Бил Нелсон рече дека безбедноста е најважна.
– Нема да летаме додека не бидеме подготвени – беше јасен Нелсон.
НАСА исто така ја одложи мисијата „Артемида II“, која сега е планирана за септември 2025 година. Во оваа мисија четворица астронаути ќе летаат околу Месечината без намера да слетаат на нејзината површина. Пред тоа одложување, мисијата беше планирана за крајот на годинава. Екипажот составен од Џереми Хансен, Кристина Кох, Виктор Гловер и Рид Вајсман е во процес на обука.
Мисијата „Артемида I“ беше спроведена во ноември 2022 година и беше демонстрација на беспилотната ракета СЛС и капсулата „Орион“ што ќе ги транспортира астронаутите во орбитата на Месечината. Но, капсулата има потреба од инсталирање системи за поддршка на животот пред да може да се качи екипажот на „Артемида II“, а НАСА во моментов е загрижена за електрониката на системот, која мора да се провери. На инженерите им треба повеќе време за да ги разберат однесувањето и перформансите на топлинскиот штит што ја штити капсулата „Орион“ за време на „огненото“ влегување во атмосферата на Земјата при враќањето на астронаутите. Штитот претрпе неочекувана загуба на материјал за време на враќањето на мисијата „Артемида I“.