Промоцијата на монографијата „’Мизар‘ – Откровенија 1981-2021“ од едицијата „Македонски рок-архив“ ќе се одржи на 27 март (недела), во кафе-барот „Глуво куче“ во Скопје, со почеток во 18 часот. Официјалниот дел, односно претставувањето на книгата ќе почне во 20 часот, а пред и потоа посетителите ќе можат да ја разгледаат изложбата, да слушаат музика и да се дружат во вечерта посветена на една од македонските рок-групи, „Мизар“.
Наедно ова ќе биде промовирање на првата монографија на еден македонски рок-бенд, која несомнено ќе биде важен дел од македонската музичка историја.
Првите 100 примероци ќе бидат рачно нумерирани и потпишани од авторот Тошо Филиповски, а 50 книги ќе бидат потпишани од страна на лидерот на бендот „Мизар“, Горазд Чаповски.
Издавач е „Корпус деликти рекордс“, а приредувач на монографијата е Тошо Филиповски. Преводот на англиски јазик е на Зоран Радически, а дизајнот го направи Бојан Ивановиќ.
Книгата има 333 страници и во неа ќе најдете над 200 фотографии, повеќе од 100 досега необјавени. Тука се и комплетната биографија и дискографија на бендот, сите снимени песни, фамилијарното стебло на групата, сите концерти на „Мизар“, анегдоти, рачно испишани текстови, сет листи, летоци, плакати, влезници, насловни страници и фотосесии, интервјуа од списанија, написи во весници, изјави и сеќавања на педесетина музичари и новинари од целиот Балкан и уште многу интересни детали за еден од најзначајните македонски музички состави на сите времиња.
Монографијата е отпечатена во почетен тираж од 400 примероци.