Телевизиската серија „Пад“ ќе почне да се снима напролет во Србија, а создадена е според книгата „Годината минува, денот никако“ на Жарко Лаушевиќ. Милан Мариќ ќе го глуми познатиот глумец, а серијата ќе има осум епизоди. Сценариото го потпишуваат Бојан Вулетиќ и Петар Михајловиќ.
– Мотивите од книгата на Лаушевиќ ќе ни послужат да опишеме едно време, почетокот на војната во некогашна Југославија, сиромаштијата и изолацијата, низ трагичната судбина на најпознатиот југословенски глумец. Сценариото не е само напишаната книга, туку сценаристите слободно интерпретирале одредени
делови, збогатувајќи го со ликови и настани што ги нема во самата автобиографија – изјави Вулетиќ.
Вулетиќ и Мариќ веќе соработувале на снимањето на серијата „Фамилија“, во која младиот глумец го играше Чедомир Марковиќ.
– Улогата на познатиот југословенски глумец на врвот на кариерата, кој по сплет на трагични околности убива две момчиња и ранува трето во родната Црна Гора, ќе ја игра моментално најдобриот глумец од помладата генерација Милан Мариќ. Тој беше логичен избор не само поради фантастичната соработка што ја имавме во серијата „Фамилија“ туку и поради силната емотивна слоевитост, која само тој може да му ја подари на ваков комплексен лик – дополни Вулетиќ.
Во опција за главната улога биле неколку глумци, а најсериозен конкурент на Мариќ му бил Милош Биковиќ.
Според него, серијата ќе биде посвета на глумците и на глумата во целиот регион и ќе го опфати трагичното време од 1990-тите во бивша Југославија.
– Како едно трагично време влијае на судбината на луѓето? Што е тоа што нѐ води кон деструкција? Тоа се само некои од комплексните и предизвикувачки теми со кои ќе се занимаваме во серијата „Пад“ – вели сценаристот.
Глумецот Жарко Лаушевиќ во 2011 година ја објави книгата „Годината минува, денот никако“, во која опишува како во 1993 година усмртил две момчиња, а едно ранил, по што заврши во затвор.
Новата серија е во продукција на „Фаерфлај“, а ќе се емитува на каналот Суперстар.